Подолго време, со месеци и години во затворени кругови на различни творци се раскажува дека постоењето , всушност непостоењето на Јас или Тој и Тој или Јас, кога се меѓусебно условени макар со безначајни нешта, е само потврда или негација на личниот идентитет. Тоа во никој случај не може да се однесува на некој од колективните, а особено не на националниот. Некои од раскажувачите се мошне убедливи кога детално претставуваат личности на кои им се случиле некои нешта токму благодарение на постоењето, всушност непостоењето на Јас или Тој и Тој или Јас. Притоа, најмногу инсистираат на нивното предводништво и харизматичноста. Во последно време најповторливо е раскажувањето токму за харизматичотон предводништво на зрела возраст.
Станува збор за човек кој се обидел и речиси му успеало да поврзе и измеша два затворени круга на различни творци. Никој нема одговор на прашањето како тие си дозволиле свесно или несвесно да го изберат изберат за предводник. Се викал Јас или Тој и Тој или Јас. Напросто им ја наметнал својата индивидуалност, та кај нив стекнал најголема доверба. Нему му ги препуштиле насочувањата, влијанијата и одлучувањето. Дури, му дале улога на некаков чувар на нивните морални вредности, чест и углед.
За сите творци во затворени кругови одамна не постои никаква дилема во врска со раѓањето или создавањето предводниик. Доволно им е познатото предводништво на дете меѓу деца во игра, кое несвесно и без никакво оптоварување им се наметнува со влијание кога треба да се направи каков било избор; а во текот на играњето тоа брише секакво ограничување на својата наметливост.
Клучното прашање, на кое никој од нив не можел да си одговори, било каде и од кого Јас или Тој и Тој или Јас научил да предводи различни творци. Особено ако се има предвид нивното лично искуство. Имено, одамна е докажано колку уметничкиот творец има безброј внатрешни сомнежи, неизвесности, па и стравови, како и колку лесно при творењето дело им се разнишува самодовербата.
Јас или Тој и Тој или Јас многу брзо им се наметнал на двата круга како харизматичен предводник? Тоа за творците било најчудно. Најпрвин затоа што е позната силината на нивниот идентитет, на самоидентификацијата со своето творештво. Да, да, уште на самиот почеток тие ја согледале неговата умерена енергичност, воопшто неговото однесување пред нив и однесувањето спрема нив. Ним највпечатливи им биле неговите прашања, поточно неговото интересирање за нивните согледби и ставови. Со што многу брзо им станал мошне позитивен, близок, поврзан со нив на не докрај јасно подлабоко ниво.
Како и да е, на Јас или Тој и Тој или Јас како харизматичен предводник за брзо време му успеало да поврзе и измеша два затворени круга на различни творци. Во едниот ликовни уметници-сликари на големи платна со основни бои во затворен простор, а во другиот творци на мултимедијални дела-инсталации и перформанси; чија творечка енергија „игра“ едновремено во повеќе медиуми, контексти и наративи, при што најмногу до израз доѓаат креативноста и постојаното истражување на непознатото.
Како му успеало да поврзе и измеша два затворени круга на различни творци? Како затворени?! Дали во конкретно заедничко дело или во сè уште несоздадено? Се разбира дека круговите најпрвин ги отворил, па потоа ги поврзал, ги втопил еден во друг, а најсетне ги измешал што да не можат да се препознаваат меѓусебно.
Да, да, станува збор за уметничка инсталација-дело со постојни и нови содржини во конкретен простор и со ограничено времетраење. Творците во двата круга, пак, во него не виделе секојдневни дребнавости, а мошне проблематично им било поврзувањето на големите сликарски платна со основни бои во затворен простор и дела спротивни на нив, од кои доминантни беиле светлечки форми во рамнотежа и звучна игра. Тие и не се којзнае колку дивергентни за да совладаат нов простор и ново време на творци во нов круг.
Јас или Тој и Тој или Јас ја докажал својата предводничка харизматичност со инсистирање дека мултимедијалното дело сè уште не е создадено, а тоа значи дека треба допрва да се случи создавање. Условено од времињата и невремињата кои надоаѓаат; преполни со дребнави минливости, сведување на животот на постојана жед и ненаситен глад, војни, смрти, тишини, молк.
„А што со создавањето на уметничката инсталација, предводнику наш? Ќе биде ли конечно создаденa?“, го прашале творците.
Им одговорил рамнодушно:
„Создавањето ќе трае, а нема да се создаде сè додека има живи луѓе во деноноќно движење, всушност во потрага по нова слобода на творечкиот дух во нив“.
Премолчел дека е во празнина меѓу постоење и непостоење.
МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ, роман, 8