Тој е најзнаменитиот антички лекар. Роден е во 460-тата година пред н.е., умрел во 377-та година пред н.е.
Хипократ и припаѓал на школата на асклепиевците на грчкиот остров Кос. Во медицината ја издвоил науката од магијата и празноверието, ги собрал и критички ги разработил искуствата на египетските и грчките лекари, па поради тоа се смета за „татко на научната медицина“.
Сочувани се околу 60 медицински дела што му се припишуваат на Хипократ (Corpus Hippocraticum). Тој не ги напишал сите тие дела, туку повеќето настанале под негово влијание. Најважни се: „Афоризми“, „За воздухот, водата и почвата“, „За епидемиите“, „Прогностика“.
Според мислењето на Хипократ, човечкиот организам е составен од 4 сока: крв, лига, жолта и црна жолчка. Здравјето е „добро мешање“ (еукразија), а болеста е пореметување во мешавината на тие сокови (дискразија). Во развојот на секоја болест постојат критични денови. Хипократ добро ги опишшал клиничките симптоми на одделни болести (на пример, фтиза, епилепсија и еклампсија, маларија, епидемиски паротитис) и некои клинички синдроми, на пример лицето на човек што умира (facies hippocratica).
Врз основа на симптомите Хипократ не поставувал дијагноза, туку прогноза на болеста. Основната мисла му била дека во лечењето треба да се поддржат природните отпорни сили на човечкиот организам.
Важен е неговиот придонес во хирургијата (на пример, репозиција на ишчашени раце и нозе, операции на емпием).
Под Хипократовото име е сочувана и заклетвата на старогрчките лекари-асклепиевци. Таа ги содржи принципите на лекарската етика, кои и денес имаат своја вредност:
-заколнување за придржување кон неа;
-почитување и благодарност на своите учители;
-прифаќање на обврската за плаќање на школарина;
-обврска својот живот да го подреди во корист на болниот;
-одбивање на давање на абортивни средства на жените;
-обврска на чист и побожен живот;
-одбивање да се занимава со она за што не е оспособен;
-рамноправност на болниот без оглед на полот и класата;
-чување како тајна на се што гледа и ќе дозане при лечење на болниот;
-ја прифаќа наградата за успешно исполнување на оваа заклетва и казната ако постапи спротивно.
Оригиналната заклетва е напишана на грчки, а најраниот превод е на латински. Заклетвата гласи:
„Се колнам со Аполон лекарот, Асклепиј, Хигеј, и Панакеј, и за сведоци ги земам сите богови и сите божици, дека во согласност со своите способности и своето расудување ќе се придржувам на оваа Заклетва.
Дека ќе го сметам за мил како родител оној што ме научил на оваа уметност; дека ќе живеам во слога со него и, доколку е тоа потребно, ќе ги делам своите богатства со него; дека неговите деца ќе ги гледам како свои браќа, дека, доколку го посакаат тоа, ќе ги подучувам на оваа уметност без наплата или пишувана обврска, дека ќе поделам со своите синови, со синовите на учителите и учениците кои се запишале и ги прифатиле правилата на професијата, но само со нив, правилата и инструкциите.
Ќе го препишувам лечењето за благосостојбата на своите пациенти во согласност со моите способности и моето расудување и никогаш никому нема да му нанесам зло.
Никому нема, дури и ако ме замоли, да му препишам смртоносен отров, ниту ќе му дадам совет кој може да ја предизвика неговата смрт.
Ниту ќе и дадам на жена средство за пометнување.
Ќе ја одржам чистотата на мојот живот и на мојата вештина..
Нема да оперирам кај камен, дури и ако е болеста очигледна кај пациентот; ќе им ја оставам оваа операција на специјалистите на таа вештина.
Во која било куќа да влезам, ќе влезам само за благосостојбата на моите пациенти, држејќи се подалеку од какво било намерно недело и од заведување на жени и мажи поради љубовни задоволства, било да се слободни или робови.
Се што ќе дознаам при вршењето на мојата професија или секојдневното работење со луѓето, а што не треба да се шири натаму, ќе го чувам како тајна и никогаш нема да го откријам.
Доколку верно се држам на оваа заклетва, нека уживам во мојот живот и практиката на мојата уметност, почитуван од страна на сите луѓе за сите времиња; но доколку застранам од неа или ја прекршам, нека ме снајде се спротивно“.
Значењето на Хипократовата заклетва во е во нејзината историска и традиционална вредност. Повеќето лекарски здруженија ширум светот преминаа на модернизирани верзии на Заклетвата, кои имаат поголем степен на релевантност со денешните морални дилеми со кои лекарите можат да се соочат. Меѓутоа, оригиналната Заклетва ги постави темелите на модерните сфаќања за етичкото однесување на лекарот ви практиката.
Сепак, прашањата за пометнувањето (абортус) и еутаназијата денес имаат нова перспектива, која нужно не се поклопува со ветувањето изнесено во Заклетвата.
По светските војни, воочувајќи ги пропустите на лекарите кои во многу застраниле од начелата на својата професија, со Женевската декларација текстот на заклетвата е модифициран до денешната модерна верзија, која ја прифатија повеќето денешни лекари. Полагањето на оваа заклетва на многу универзитети е дел од дипломската церемонија на студиите по медицина.
Еве го преводот на заклетвата која е усвоена во 1948-та година во Женева, на конгресот на Меѓународниот сојуз на лекарски друштва:
„Во часот кога стапувам помеѓу членовите на лекарската професија, свечено ветувам дека својот живот ќе го ставам во служба на хуманоста.
Спрема своите учители ќе ја сочувам должната благодарност и почитување.
Својата професија ќе ја вршам совесно и достоинствено.
Најголема грижа ќе ми биде здравјето на мојот болен.
Ќе ги почитувам тајните на она што ќе ми се довери.
Со сите сили ќе ги одржувам честа и благородните традиции на лекарското звање.
Моите колеги ќе бидат браќа.
Во вршењето на должноста спрема болниот на мене нема да влијаат никакви обѕири, вера, националност, раса, политичка или класна припадност.
Апсолутно ќе го почитувам човечкиот живот од самиот почеток.
И под закана нема да попуштам да се искористат моите медицински знаења спротивно на законите на хуманоста.
Ова го ветувам свечено, слободно, повикувајќи се на својата чест“.