МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ, роман, 5

Потребно време за читање: 3 минути

5. Први слики

Бевме заедно во два наврата откако тој отиде во неврат. Сега не знам не дали, туку колку тие влијаеја на текот на создавањето на светов во кој се рамноправни, поточно рамносилни животот и смртта, во кој нема строго разграничување меѓу светлината и тамнината, туку напротив боите и нивните нијанси еднакво со нив влијаат врз личното расположение. Во кој суштините на говорот на живите и мртвите знаците, звуците и гласовите се на еднакво рамниште.

Морам да издвојам нешто што ме изделува од него, без оглед дека според годините живот не сме ни близу ни многу далеку: безграничноста на времето. Се разбира, од почетокот на моево раскажување е недвојбено дека не само што не сме можеле да бидеме заедно пред тој да отиде во неврат физички, ментално или трансцедентално, туку обајцата тоа не сме можеле ни да го замислиме.

Петар Мазев, македонски сликар роден во 1927., умре во 1993., еден од творците на македонското современо сликарство; заедно со Никола Мартиноски најеминентен претставник на експресионизмот (нагласено од сите познавачи и критичари на модерното сликарство). Не сум ниту голем зналец, дури ни просечен познавач на ликовната уметност воопшто. Можам да речам дека просечноста просто не ми дозволувала и не ми дозволува да изградам, па да надградувам личен критички однос спрема временоста и безвременоста на сликарството во Македонија и светот.

Прочитај и за ... >>  МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ, роман, 7

Со Петар Мазев се сретнав двапати на исто место. Случајно? Се разбира не, од проста причина дека светов што допрва ќе го прикажувам се темели на мисли и дела во минатото и сегашноста на творци како него, од ист или сличен ков: мислечки и творечки личности кои со своите дела едновремено го создаваат, го пресоздаваат и му даваат движечка живост. Во двата наврата се сретнавме на почетокот на невратот, на чекор-два. Може да се рече на неговиот влез. Јас го познавав одамна, а тој мене не и пред и потоа.

Есенцијалното од првата средба:

Обградени од и опфатени со дела на Мазев-слики во масло на платно, од негови различни творечки периоди. Кои како да почнуваат да оживуваат.

Јас:

„Господине Мазев, јас Ве знам, вие мене не. Се среќаваме првпат, за жал на самиот почеток на невратов. Но, поважно од сè е дека Вие, заедно со сите творци како Вас во минатото и сегашноста, сте во темелот на свет кој се создава со нас и пред нас, кој го создаваме истовремено, наспоредно со постојниот како живот сам за себе, и тоа баш како што Вие ги создадовте и ги создавате Вашите слики; тргнувајќи од реалноста која постои сосе своето непостоење, односно конкретниот свет кој не значи ништо друго, освен нечија реалност без никакво значење“.

Прочитај и за ... >>  МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ, роман, 4

Петар Мазев:

„Јас не сум Ве запознал во животот. А што се однесува на светот и мојот свет, јас отсекогаш сум инсистирал и инсистирам на дивјаштво на чувствата, како што го нарекоа некои проследувачи и промислувачи на мојата уметност. Треба да ги имате предвид фазите на моето сликање, од фигуративноста и енформелот, нивниот паралелизам, апстрактно-фигуративниот експресиомнизам, па сè до постмодернизмот. Ако сето тоа е сеприсутно во тој свет пред нас и со нас, Ваш како мој и на сите како мене во минатото и денес, тогаш е тој строго индивидуален и доволно силен за да се брани сам, без ничија поткрепа или припомош­“.

Како малку да го збуни и замисли мојава констатација:

„Дивјаштво на чувствата?! Го разбирам тоа метафорички, како бранување и излевање на чувствата со силни и мигновени бои. На Вашите платна и создадени и во создавање“.

Тој како предупредување:

„Да, и наспроти и спротивставени на егзистенцијалната материјалност“.

Есенцијалното од нашата втора средба:

Прочитај и за ... >>  Јас или Тој и Тој или Јас

На влезот на невратот беше само тој. Молчалив и замислен. Со живо лице, исправен, стамен, виден од далеку грамаден. Како пред конечно одење во него, пред конечна разделба со земниот живот. Во некаква неодгатлива празнина, овојпат обградени и опфатени од негови платна без рамки, со јарки бои во интензивни индивидуални игри, без препознатлив ритам; особено белата, црвената, жолтата, сината и црната.

Ме препозна и ми се насмевна рамнодушно. Сега мислам дека го дослуша до последен збор мојов исказ, пред да се разделиме срдечно:

„Господине Мазев, Вашево одење во неврат не е одење во неврат. Затоа што животот во светов што го создадовме и го создаваме Вие, заедно со сите грамадни како Вас и мојата дребност, е поинаков од сите досегашни. Од на сите оние чија индивидуалност е неприкосновена, бидејќи зависи единствено од темпераментот, емоционалноста и творечката енергија. Во светов што го создадовме и го создаваме најизразита е рамнотежата меѓу природата и нематеријалниот опстанок на човекот“.