БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 19

Потребно време за читање: 2 минути

19. Црна овца

Здогледал овчарот црна овца среде своето стадо бели, па ѝ се обратил:

-Мори црна овцо, кај се најде сега ти во моево бело стадо? Што бараш во него?

Црната овца одговорила рамнодушно:

-Знаеш што, овчару многупочитуван? Како тоа да нема ниедна црна овца во твоево бело стадо? Зарем досега не научи дека тоа е не само недозволиво, туку и неодржливо? Дека твоево стадо бели овци нема никаква перспектива без макар една црна? Треба да ми бидеш благодарен што јас решив да се замешам во него и да ти помогнам во одржливоста на локално, регионално и меѓународно ниво.

Овчарот ја ислушал без збор од збор до збор, па ѝ рекол со остар тон:

-Слушај јас што ќе ти речам, црна овцо низаедна! Ако ми требаше макар една црна во моево стадо бели овци, немаше да чекам ти доброволно да се замешаш во него. И што ќе правиш сега таква каква што си, згора само една? Една ко ниедна!

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 8

Црната овца се задумала некое време, па весело му заблеала:

-Јас знам дека ти не ме сакаш затоа што се плашиш. Сакаш мирно да спиеш. Знаеш дека во природата на црната овца е да не блее како да не ѝ фали ништо, како да ѝ е сè тамам. Згора на тоа, со своето блеење влијае на белите, просто ги буди, па со време неминовно ќе почнат да скокаат, да се бунат, да протестираат. Може и да се кренат на нозе, да кренат револуција. Ќе бидат сè повеќе на број бели овци кои ќе се однесуваат како црни. Исто како јас. Па ќе стануваме сè повеќе како црни и ти да се најдеш во небрано. Или ќе станеш овчар кој ќе нè води и чува според наши потреби и цели, или ќе си побараме нов, со овчарски карактер како нашиот-црноовчарски.  

Овчарот се подумал некое време, па ѝ предложил:

-Знаеш што ми текна, црна овцо? Да ти предложам еден предлог корисен и за мене и за тебе и за стадово бели овци: кога веќе се замеша во моево стадо, ти да останеш во него, да блееш како секоја друга црна овца, значи како дежурна, како глас на овчата совест, а јас нема да те слушам и ќе се правам наудрен дека постоиш. Ако нè фати сите некој зорт, на пример стопаните и властодршците да забранат црни овци, ти да се сокриеш меѓу нозете на белите. Ако тоа не бидува, тогаш со моја помош да се бојосаш бело дури не пројде зортот. И уште ова: да не ги тераш и учиш белите овци да блеат како ти. Сакам да речам, со твоето блеење никако да не влијаеш на нив.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 20

Црната овца не прифатила, па овчарот бил принуден неа прва да ја острижи и заколе.