14. Грд град
Матна река тече низ грд град, делејќи го на два еднакви дела: на нејзиниот лев брег стар дел, а на нејзиниот десен нов. Тече незапирно, речиси безживотно. Ни за миг да си го забрза или забави текот. Безживотно, значи без свој живот сегашен и утрешен, но и без жив свет ни во нејзината вода ни заедно со неа. Матна е, значи преполна со отрови и секакви отпади и со дно од тиња, шилести камења, испокршено стакло, секакви пластични, дрвени, железни предмети и ситна покуќнина. Од неа несносна реа. На нејзиниот лев брег, пак, поплочен кеј и скали, овде-онде празни бетонски жардиниери, канделабри, испокршени корпи за отпадоци, а во аглите смет и човечки измет.
Грдиот град е поделен на неколку четврти, обѕидани со високи ѕидови и тељ. Ги поврзуваат широки булевари, крстосници и кружни текови, осветлени со разнобојни рефлектори и реклами, деноноќно преполни со автомобили и луѓе. Вдолж по нив на секои четири-пет метри на постаменти се изнаредени споменици на видни личности од минатото и сегашноста на градот.
Рески се разликите меѓу градските четврти:
Централната, со висококатници залепени една со друга, кои додека се граделе како да се натпреварувале во извишување кон небото. Двонасочни улици, три мали плоштади со дрвореди, тревни површини и фонтани на средината. Според сите видливи карактеристики, станува збор за четврт на стандардна, поточно банална, монотона, несодржајна живеачка. На типично урбано преживување.
Четирите четврти околу неа се со трикатни, двокатни и приземни куќи, испресечени со еднонасочни и двонасочни асфалтни улици, повеќето поплочени со камен. За разлика од централната, во нив на секој чекор преполни контејнери за ѓубре, задушен воздух, улични забавувачи, просјаци облечени во ветви, валкани и крпени алишта, а на тротоарите исполегнати стари, млади и деца на картони, душеци, ќебиња и чаршафи.
Грдиов град преполн со грди, премалени, прегладнети и ожеднати луѓе. На ниедно лице, старо ли, младо, детинесто ниту насмевка, ниту ведрост, ниту надежност. Сите безлични, безизразни, бескрвни. Како претсмртни маски.
Во грдиов град дваесет и четиричасовен сообраќаен метеж, излози преполни со секакви дребнавости, колонијали, маркети, кафулиња, кафеани, големи и мали бит-пазари. И луѓе што сноват, брзаат негде, одвај се разминуваат или стојат, клечат, лежат вкочанети. Меѓу нив многумина речиси мртви.
Ѓурчин Несторов конечно успеа да го напупшти, да го остави зад себе грдиот град. Се искачи на еден врв на високата планина над него и се насели во пештера под него. Во свој последен час.