81. Грев
Сторивте грев
спрема столетно дрво
со скрвавена срцевина,
од молња пробивна
во долго невреме.
Му пресековте гранка
која успеало тивко,
скришно да ја израсне,
да ѝ го стамени здивот
и да ѝ се радува.
82. Гол камен
Се соблекол на сонце
до гола кожа жив камен
за да прибере во себе
некој сончев зрак
во својот живот камен.
Па се стркалал кон река
која одамна бара камен
токму како него, жив,
во својот свет
во кој чувствува оти мора
час поскоро да ги распени
своите бистри води.
83. Појадок
Чаша чиста вода,
исцеден лимон
и лажица мед
наутро
за здравје и ведрост
на тело со дух.
Може и неколку зрна
аронија,
семе ленено, сусамово,
сончогледово
и семе од тивка
измешани во чаша
јогурт.
Тоа долго,
за сила со години.
84. Разминување
Ја чекав на свијок
на пат кој води негде
нам незнајно каде.
Се разминавме мигум
молчешкум,
како да не сме биле
некогаш блиски,
како да сме биле
од време и со време
заборавени.
85. Многукатница
Во град со многукатници
една е најстара, запустена,
одамна без жители,
речиси мртва.
Преполна е со мрачнина
и провев.
Од темелите нејзини
се слушаат
гласови на сеништа.
И понекој човечки глас
што екотно довикува
сила уривачка
за да ја срамни со земја.