12. Крива река
На мнозина нему знајни и блиски, незнајни и далечни веќе им боктиса со раскажувањето за кривата река. Мене, пак, нему знаен и близок, уште ми е интересен. Дури, можам да речам дека го слушам радо, особено зашто постојано нагласува дека нејзиното искривување никој никако не успева да го запре. Ни тој самиот.
Од неговото раскажување знам сè за кривата река? Да, судејќи според повторливоста на случувањата што го предизвикуваат искривувањето. Но, не ако се има предвид нејзиното преживување, поточно продолжувањето на постојаноста на нејзиниот тек. Можам да ја наречам монотона. И тој сè почесто изразува чудење како никогаш досега не ја видел барем малку возбудена, вознемирена, загрижена или застрашена од она што може скоро да ѝ се случи. Што да ѝ се случи? Се знае: или да пресуши од премаленост, совладувајќи сè поголеми искривувања, или да надојде макар со последна сила, па да се излее и да го поплави градот.
Токму за можноста да пресуши кривата река беше последно што го прашав и допрашав, пред да ми соопшти дека според направените стручни анализи таа е отровна и безживотна по целиот свој тек:
-Можно ли е таква, отровна и безживотна скоро да пресуши? Или уште долго и како крива ќе се искривува?
Ми одговори кусо, со лут, дури разгневен глас:
-Знам луѓе зналци, подготвени конечно да ја исправат. И тоа од водните извори и дотеци сè до нејзиниот влив во езероно. И да ја исчистат од отровите и да ѝ ја повратат животноста. Истовремено и коритото би ѝ го направаиле подлабоко, таа да стане пловна. Има само еден проблем: како да се запре искривувањето на нејзиното корито со постојано доселување во градот на луѓе од други светови.