7. Добрина
Зарем не забележувате дека времево што заживува во овие наши простори полека ја гасне добрината во нас?
Кога би нè прашале, сигурно многумина од нас не би знаеле да одговорат што е таа. Дали ја препознаваме во себеси, дали ја споделуваме со други. За колкумина околу вас можете да кажете: „Многу е добар човеков”?
Таа е една од најголемите скапоцености во човекот и од него. Заедно со ведрината, надежта, чесноста, довербата, искреноста и храброста, таа заслужува најдлабока почит и најсилна одбрана.
Таа не се плаши од злоупотреба. Од проста причина: тоа е просто неможно.
Оној што ја употребува добрината, со неа всушност ја богати својата, ја надградува и ја продолжува. Оној што ја злоупотребува, пак, всушност губи дел од својата. Или ја изгубил сосем, па се обидува да ја надомести. Зашто без неа е разнишан, нерамновесен.
На добриот му се возвраќа со добрина. На лошиот и со најмала добрина не му се помага.
Има едно прашање можеби најважно кога е добрината во прашање: дали таа била и е секогаш иста или, пак, е зависна од времето и просторот? Се менува ли нејзината смисла и содржина?
А зарем не ги паметиме блиските, далечните, познатите и непознатите според сторената или искажаната добрина спрема сите, не само спрема нас?
Поначесто да се потсетуваме на неа и ако го изгубила здивот во нас да се обидеме да ѝ го возобновиме.