ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, 54

Потребно време за читање: 3 минути

54. Интелектуалците политички маргиналци? Не, напротив!

Забележувам дека проблемот со политичкиот ангажман на интелектуалците (доколку прифатиме дека претставува проблем) се актуализира во предизборен период или при внатрешни партиски групирања и прегрупирања пред нова проверка на довербата на гласачите. Притоа, секогаш таа актуализација или проблематизација завршува со констатацијата дека тие не се и не сакаат да се ангажираат затоа што одбегнуваат да преземат дел од личната одговорност за „заедничкото добро“.

На оваа тема би можел да приведам повеќе мошне компетентни и продлабочени промисли и анализи (студии, книги) на врвни стручни луѓе (домашни и странски автори), пред сѐ политиколози, но бидејќи целта ми е да ве поттикнам на лично промислување, на градење сопствени ставови и аргументи, па и акција, само ќе приведам некои нужни дистинкции.

Најнапред за „проблематичноста“ на терминот „интелектуалец“:

Таа се поврзува со (не)согласувањето дека во македонските партии не се вклучени-зачленети и интелектуалци од една, или се вклучени недоволно, а од друга страна со одбивноста на интелектуалецот спрема конкретниот политички ангажман. Се оди дотаму што се релативизира значењето на самиот термин, со подзаборавање на круцијалниот момент, иако во него нема ништо спорно: тој-интелектуалецот е образован човек (што нужно не значи факлутетски односно со диплома), човек посветен на мислечка дејност Ифилозоф, научник, писател итн.)

Круцијалниот момент е самата работа, поточно дејствувањето. Имено, секој образован човек не е и интелектуалец, а секоја мислечка и творечка личност е интелектуалец. На пример, особено кај нас не можат ниту да се избројат оние кои, доведени на работ на егзистенцијата, работат нешто сосема друго од она за што се образовале. Тие се само образовани, остручени луѓе-занаетчии кои треба да се третираат-почитуваат не како интелектуалци, туку само како стручни, компетентни личности или експерти.

Значи, кога зборуваме за политичкиот ангажман на интелектуалците треба да мислиме на нивниот ангажман надвор надвор од нивната посветеност.

Недостигот од „вистинските“ интелектуалци нашите политички партии, без исклучок, го надоместуваат со тн. надворешна соработка-со нивно повремено експертско ангажирање (подготовка на партиски програми, подготовка на конкретни проекти, учество на трибини и сл.). Но, тоа во никој случај не може да се третира како политички ангажман (па и интелектуален-во смисла на претходно реченото за него), уште помалку како политичка определба-членство или „симпатизерство“. Со оглед на бројот на оние што стојат на располагање за такви ангажмани, списокот на таквите интелектуалци кои работеле и работат за повеќе партии и од позицијата и од опозицијата е поприлично голем.

Треба да се има предвид уште една мошне важна специфика на интелектуалецот: неговиот индивидуалитет, идентитет, поточно неговата одбивност спрема мноштвото, толпата, колективниот активитет. За него е апсолутно неприфатливо стопување со или втопување во толпата. Тој дури и се плаши од ненадејно повлекување во неа, на пример при манифестирање на улична демократија.

Мојот став (во насловот на прилогов), имено дека интелектуалците никогаш не биле, ниту можат да бидат политички маргиналци, ќе го аргументирам со уште неколку општопознати нешта и со една хипотетичка пројава.

Реков, интелектуалците се постојано активни, дејствуваат, но дејствуваат индивидуално, и тоа најчесто како мислечки и творечки личности. Пред сѐ како дел од нивниот промислувачки активитет. А тоа е најголемиот, ако сакате и највреден нивен придонес во поставувањето-наметнувањето на критериумот за вредното, естетското, етичкото итн. Тој нивен повремен активитет (не ретко и редовен, континуиран) често е решавачки, пресвртен, највлијателен, најдвижечки, најпрогресивен.

Можам да приведам наши врвни интелектуалци кои со своите реакции, промислувања, колумни и слични форми на дејствување и тоа како влијаат врз граѓанската свест, инсистираат на радикални промени, се најжестоки критичари на власта, но и на опозицијата, а со сето тоа се „најопасните елементи“ за нив. Токму тој страв и отпор спрема нив од страна на партиските врвови е причината зошто интелектуалците одбегнуваат, отфрлаат (дури грубо, жестоко) каков било конкретен политички ангажман во рамките на секојдневните активности, на секојдневната работа на партиите на теренот.

Најавената хипотетичка пројава:

На политичката сцена се јавува „интелектуална партија“, односно нова партија во која масовно, како формални и неформални членови се вклучуваат-зачленуваат интелектуалци од сите сфери, од сите мнозинско-немнозински заедници. Која би била нејзината сила, кои би биле нејзините шанси за победа на избори, за освојување на власта? Како таа би дејствувала?

Одговорот е единствен: тоа би била најмодерната, најмоќната партија која сигурно би извојувала апсолутна победа.

Меѓутоа, многу е поважно прашањето на кое кусо ќе одговорам: како би дејствувала? Би дејствувала „заеднички индивидуално“ и би владеела најнапред чесно (нечесноста е „злосторство“ за интелектуалецот).

Како модерна партија par excellence, таа не е и не може да биде со масовно членство (што е тоа?), но би била сигурно со најголем број приврзаници. Би била без лидер во „класична“ смисла, бидејќи нејзините членови (формални и неформални) како индивидуалци односно личности со свои знаења и критериуми „природно“ се наметнуваат како лидери; со внатрепартиски плурализам (единство во различностите или она од што најмногу се плашат постојните „декадентни“ партии-фракционерство). А владеењето? Тоа единствено со наметнување сопствен, висок-највисок критериум. „Проста“ споредба: селектор (постоечки-променлив) на театарските игри „Војдан Чернодрински“, претседател на Комисија за избор на книжевни и други дела за финансирање со државни пари, селектор на која било спортска репрезентација, „прв човек“ во кој било бизнис, во која било компанија итн.

Можна ли е скорешна појава на токму таква, „интелектуална“ партија? Тешко, мошне тешко. Речиси невозможно.