48. Единствена шанса за брз економски развој: производство на домашни иновации
Ни се повторува истата „приказна“, многупати „раскажана“ од други, а ние никако да ја научиме и да почнеме; ако не на други, барем на самите себеси да да си ја „раскажуваме“. Човек помислува дека, кога би почнале да си ги признаваме сопствените вредни луѓе со нивните ведности-дела, творештва, би се нашле во уште полоша ситуација: да не знаеме што да правиме со нив, па уште побрзо и понастојчиво да ги урнисуваме. Зашто, во спротивно ќе нè урнисаат тие нас.
Па е подобро вака: светот нека ни ги признава, слободно може и да ги прибира, да ги присвојува, а нам ни е супер со „нашиве“; без оглед што не ги бидува, не знаат, никој не ги признава. Важно е дека си се „наши“, а не како тие-„ничии“.
Замислете го ова:
Владата го поттикнува и максимално ја стимулира иновативната дејност, а пред сè со максимални „олеснувања“ овозможува изградба на капацитети (фабрики, погони) за нивно производство. Каде би ѝ бил крајот на Република Македонија? Тоа не знам, ама знам за почетокот: би направила „чекор од седум милји“ кон развиените, па и најразвиените земји.
Еден производ се произведува, „сериски“, но не со поддршка на Владата на оној што го измисли. Таа изостанала кога требало, како што вели изумувачот, пред 10- 20 години, а сега не му е потребна. Ниту за новиот-неговата нова иновација. Првиот е анаеробна станица за прочистување на комунални и индустриски води, а вториот филтерска постројка за сулфур диоксид и димна прашина од големи централи и парни котли. Станицата веќе се користи ширум светот, а „стасала“ дури и на Антарктикот. Филтерската постројка допрва ќе се „пробива“, но нема никаков сомнеж дека тоа ќе се случува мошне брзо.
И двете постројки се дело на Македонецот Јоти Поповски, иноватор, кој во 2008-ма и 2009-та година доби голема награда на престижен светски форум за иновации, а наградата му се доделува секоја година на еден изумител во секоја држава во светот. Знаете за него или не сте ни чуле?
Еве:
Јоти Поповски е роден во Егејска Македонија, а на 8-годишна возраст е протеран од грчките власти и се засолнува во Романија, каде што се школува. Потоа доаѓа во Македонија и работи во „Алкалоид“- Скопје.
Анаеробната станица тој ја измислил во дамнешната 1982-ра година и првпат е пуштена во употреба во 1998-ма во Кондово (за Факултетот за исламски науки). Патентирана е и наградена и од белгиската и од македонската влада во 2001-ва. Двете постројки не трошат струја, немаат потреба од резервни делови, немаат опрема што се движи-компресори, дувалки итн. Отпадните води се пречистуваат по природен пат: во биофилтри, каде што поминуваат загадувачките материи, се наоѓаат бактерии кои ги прават микробиолошки и хемиски чисти. Филтрираната вода е кристално чиста, како млаз од водоводната мрежа. Пречистената вода може да се користи за полевање на тревни или на земјоделски површини.
Диодатно објасенние на Поповски:
„Комуналните отпадни води преку колекторски систем доаѓаат до пречистителната станица. Таму поминуваат во еден анаеробен таложник, а потоа течат низ биофилтрите во кои се наоѓаат бактериите. Бактериите прават чудо, нечистотиите во отпадните води ги претвораат во биогас, а прочистената вода се влева во специјално изградениот впивачки бунар. Концентрацијата на метан во биогасот е дури 78%, па доколку станицата се надгради со соодветна опрема тој може да се користи во домаќинствата како природен извор на гас“.
Во однос на другите станици, кои работат на електрична енергија, таа е многу поекономична, а се изработува брза и евтино. Од станицата не се шири непријатна миризба, а бидејќи е закопана во земја, луѓето не ја ни забележуваат.
Интересно е дека идејата за изградба на станица во која отпадните води ќе ги пречистуваат бактерии ја добил од својата мачка:
„Мачките се многу попаметни од нас. Тие нуждата ја вршат во кутија со песок, но од неа не се шири непријатна миризба. Ме заинтригира зошто е тоа така. Заклучив дека во песокот има честички и бактерии кои изметот го разложуваат и создаваат биогас. Па така решив да направам пречистителна станица со бактерии“.
Освен во Македонија, двете станици веќе се користат во Бугарија, Чешка, Дубаи, во Узбекистан, Хрватска, Србија и на Антарктикот. Досега тој изградил 50- тина.