ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, 37

Потребно време за читање: 2 минути

37. Наместо

1. Наместо патриотизмот (љубов спрема татковината/мајковината/својата земја) да ти е суштествен за твоето постоењето и за постоењето на народот на кој му припаѓаш, ти свесно му се спротивставуваш изедначувајќи го, поради основни незнаења, со национал-шовинизмот:

2. Наместо да ѝ бидеш лојален на државата (суштински), да се гордееш со неа и да ѝ благодариш за сè што ти дава, дури и незаслужено, ти си еден од нејзините внатрешни непријатели кои ја ништат и секојдневно ја ограбуваат во името на некакви големи сепаратистики соништа (големи нации), загрозувајќи ги мирот и безбедноста, сегашноста и иднината на сегашнитге и идните генерации;

3. Наместо да придонесуваш за заедничкиот цивилизациски напредок на општеството повеќе отколку за лично богатење, комфор и удобен живот, ти целосно му се предаваш на егоизмот и самоволноста;

4. Наместо да негуваш, градиш, создаваш и споделуваш вредности, ти со своите дејанија го обезвреднуваш животот, им се предаваш на минливоста, безначајноста и консумеризмот;  

5. Наместо да инсистираш на рамновесие меѓу традиционалните и современите вредности, како и да ги негуваш и чуваш пред сè како самопознавање во светот на народите и нациите, ти поттикнуваш судир меѓу нив, па дури и надмоќност на вторите над првите;

6. Наместо жестоко да се бориш против партократијата со јавна и конкретна заложба за примена и развој на меритократија, ти ѝ подлегнуваш, ја прифаќаш и играш во „орото“ на корупцијата, мафијаштвото, клиентелизмот, непотизмот;

7. Наместо лично, колективно и државничко достоинство во односите со соседите, на кое било ниво, ти во името на добрососедството беспоговорно ги прифаќаш инфериорноста, подаништвото, слуганството, виткањето на `рбетот, дури и предавства и велепредавство;

8. Наместо свој, автентичен пат кон единствена цел, ти прифаќаш некаква небулозна безалтернативност (која според својата суштина е погубна, самоуништувачка);

9. Наместо единство, меѓусебно почитување, соработка и толеранција меѓу заедниците, ти поттикнуваш секакви делби, нетрпеливост, дури омраза, а со „победничка“ цел-страховладеење.