10. Чинка
Ми фрли чинка
од свет далечен
недосеглив за мој длабок
воздив по збор
за без глас за без надеж
некогаш да те достасам
во игра до наша утрина
до наша рожба
за заедно да растеме
до небо до ѕвезди
до спокојна тишина
ми фрли чинка од свет
неменлив како да е
од ништо создаден
исто непостоен неосвоив
како сон како привидение
дека корен дека семе
дека сушина во срцевина
ќе избришат секаква
најмала наша трага
надземна подземна
каде било од кога било
заедно едновремено
со сончев зрак
што минува
ту бавно ту преуморно
низ твојата убост занесна
одамна прибрана
меѓу насмев и жал
ми фрли чинка
за мој длабок воздив
по збор по крв по живост
на срце огнено.