28. Скришно
Сè помалу скришно во два света и меѓу два во еден. Со време толку многу малку што скоро сигурно ќе стане премногу и ќе го снема едниот свет како еден. Како да не бил некогаш, исто како да не бил никогаш.
Два света на маж и жена беа во еден со љубов. Беа и за рожба од љубов. Долго немаа ништо скришно, но со време обајцата пронајдоа нешто малу скришно, безначајно. Па сетне малу повеќе и речиси безначајно, па сетне повеќе и прилично значајно, па сетне уште повеќе и значајно. Најсетне, од пред некое време во и меѓу двата нивни света сè е сосем скришно.
Речиси не се познаваат, меѓусебно речиси не се препознаваат, но се сè уште во еден. Едно затоа што немаат каде со своите, а друго поради едниот свет со нивна несозреана, несамостојна, несамобитна, зависна, потчинета и сè уште во голема мера несамосвесна рожба.
Сè сосем скришно? Ма не! Не, туку божем скришно. Божем заеднички живот, божем меѓусебна почит, божем близост, божем љубов, божем страсен секс, божем еден свет.
Два света на луѓе и луѓе во еден. По малу што слични, а различни по вера, култура, традиција и слободарство. Се во еден, од некој или од некои направен само за нив. Во него собрани како насила, што да не можат и да не сакаат да се оддалечат меѓусебно толку за веќе никогаш да се доближат. Со замислена разграниченост меѓу нив од нивни предводници. Имајќи предвид дека имало и има многу скришно меѓу нив, иако во последно време сè помалу.
На пример? На пример, плодната земја од дамнина оставена сама, подарена од нивни дамнешни предци од ден на ден е сè понеплодна, посува, позапустена, покаменита и позатруена. Во скоро време ќе нема живот со неа, на неа, во неа за едните, но со истовремено почнување нов живот за другите. На пример, небото над кругот со двата круга во него од ден на ден станува сè понепредлидливо за луѓето и луѓето, а всушност едните скришно го прават тоа намерно за другите да се уверат себеси дека е неминовно скоро да не можат, ниту да сакаат да бидат под исто небо затоа што ги надвладува умирачката.
Во двата света и во едниот свет меѓу, на луѓе и луѓе во нив, сè повеќе скришно. Веќе до толку што речиси не се познаваат, речиси не се препознаваат себеси и меѓусебно; што дури почнуваат да се гледаат напоречки! Што да почнува сè помалу скришно, но сè уште притаено нразбирање, нетолеранција, дури неподнесување, дури мразење.
Наскоро сè сосем скришно? Ма не! Не, туку божем скришно. Божем не можат заедно, божем нивниот еден круг веќе е претесен за нивните два, па од ден на ден сè почесто се судираат. Им стануваат искричави, сè почесто и молскавични. До кога божем скришно? Сè уште никој не знае, или се преправа дека не знае, но секако не уште долго.
Двајца стари мудреци загрижено се согласни дека и со најмало и со најмалу скришно меѓу два света во еден не се опстанува долго, ниту има надеж за нешто добро денес и утре. Двајца стари мудреци во длабока жалост се согласни дека најсетне смртта сосем ќе го надвладее животот.