8. Небесна
Дека не си земна, те примам во моето опстанување, те живеам во мојата сенка, те доживувам во мојата стварност и моите соништа, те согледувам каква што си до последен мој издив. Се прашуваш зошто небесна? Пробај сама да си одговориш. Јас само ќе ти помогнам.
Јас одамна не сум во тебе, а ти од моја дамнина си во мене. Не брзај да дознаеш, ќе ти одговорам од која моја. Прво да ти докажам за колку небесни синевини ние сплотени измисливме игри безгрижни сосе живот што ќе трае и по нашите смрти: со неброени сè додека беа безгранични, со сосем неважно колку сè додека освојувавме сè уште неосвоени простори на секој збор пронајден во стена која беше наш небосклон, до неслутена длабина во плодна земја; и сè додека заедно со секакви птици преселнички прелетувавме неизмерни далечини од северни студенини до јужни топлини.
Од која моја дамнина си небесна? Не ме прашуваш, но морам да ти кажам дека не знам дали во други, дали и во тебе, но во мене како годови на многувековно дрво се собрани сè уште живи неброени дамнини. Последната, во која си ми небесна, е од постоењето на моја исконска земја. Додека постоеше и додека бевме вкоренети во неа.
Е сега, ако си одговориш зошто си ми небесна, сигурен сум во едно: тоа ќе значи дека конечно си разбрала колку е длабока и неизбришлива трагата од мене до тебе.