ТЕКОВИ, раскази/ескизи

58. Читач во парк

Неколку момчиња и девојки испоседнати на клупа во паркот се задеваат меѓусебно покажувајќи со прст кон седнат на соседна:

-Човеков чита книга!

Му се потсмеваат? Не. Се смеат подзачудено.

Човекот престанува да чита, ја склопува дебелата книга во рацете, ги загледува неколку мига, па им се обраќа:

-Зошто ви е чудно што читам книга? Вие сега во рацете држите мобилни телефони, комуницирате со другари, пријатели, познајници, гледате видео клипови или играте некоја игричка, но никогаш и никаде не земате книга в раце?

Еден од групата:

-Само за учење. Ни за тоа. Во денешно време на Интернет, портали, електронски книги, Интернет библиотеки, енциклопедии глупаво е да држиш книга в раце, а камо ли да читаш кај и да си.

Му одговара:

-Имаш право, момче. Стварно е глупаво. Мене ми е навика и задоволство.

Ја отвора книгата и продолжува да чита.

Момчињата и девојките продолжуваат да се задеваат меѓусебно.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.