56. Трага
На каменита врвица видлива трага на живот меѓу два безимени гроба! Еден до друг близу, сал три-четири чекори меѓу нив. За намерник што решил да ја мине трагата од почетокот до крајот едниот поблизу до неа од другиот! Првиот позапустен од другиот, пообраснат со диви треви и означен со помал изделкан камен крст!
Помалку важни се и блиските два безимени гроба и теснотата на камената врвица одошто трагата. Можеби ќе дојде време некој истражувач да ги отвори, но е сигурно дека тоа не ќе може ако најпрвин не ја открие докрај и не ја протолкува видливата трага.
Трагата на каменитата врвица е чудна. Како ниедна друга позната, досега откриена. Дури ни налик на оние лево и десно, врежани во камења, големи стени, дрвја и грмушки. Според формата, а особено според искричавото светење одвреме-навреме, помалку или повеќе, неколку мига еден по друг или само еднаш мигум. Дека е жива, дека своето постоење го открива и докажува меѓу два здива на живост!
Трагата е црвено-жолта, иста како засирена крв на сончевина. Зрак на црвено сонце што постојано изгрева, се раѓа, и зајдува, умира. Меѓу два гроба на живот и смрт?
Кога чекорам по каменитата врвица, од нејзиниот почеток до крајот, и кога минувам крај двата гроба откривајќи ја трагата, секогаш си поставувам едно прашање на кое никако не можам да си одговорам:
Дали е тоа трага на слобода, на ослободување или на штотуку почната борба на двајца јунаци за слобода до смрт?