ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

44. Песна за стена

Поетесата Маријана Пламеноска излезе на големата и празна сцена на Салонот на поезијата, застана пред микрофонот и пред да почне да чита од таблетот ѝ се насмевна на публиката:

-За оваа поетска вечер избрав една од моите последни песни во проза со наслов „Непробојна стена“.

Во книжевните кругови Пламеноска е позната со своите невообичаени, екстравагантни изглед, однесување и облекување: најчесто црвена коса со жолт прамен над левото уво, големи црни очила со дебели диоптриски стакла, напудрено лице; секогаш облечена во долг шарен фустан, мокасини на нозете и голема сламена торба на десното рамо. Според книжевните критичари, нејзината поезија е мошне оригинална, „секогаш детерминирана со предмети, појави во природата, сосе мените во природата на човекот“.

Маријана Пламеноска замолче за миг, колку меѓу неа и љубителите на поезијата да се воспостави расположена тишина, па почна да чита со ѕвонлив глас:

„Стенава пред мене исправена, што запрела среде патов меѓу климата и мојата трепетност, а по кој јас вообичаено одам боса од една до друга состојба на мојот дух, сигурно се струполила од голана планина. Знам од кое нејзино место-од работ на најголемата провалија. Позната ми е, нејзината сенка била со мојата, но не можам да разберам зошто во меѓувреме решила да се струполи.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи, 74

Стенава е за мене непоробојна, особено за мојата премаленост. Тоа значи дека веќе не можам да одам по патов од една до друга состојба на мојот дух. Чудно, сега нема сенка!

Стоев некое време пред неа во немост, а потоа се свртев и се вратив во мојот дом со згаснат оган во огништето“.

Ја спушти раката со таблетот, се насмевна, се поклони и ја напушти големата и празна сцена. Следена од бурен аплауз и овации.

Leave the first comment