2. Залезна река
Меѓу него и неа тече река залезна и непреминлива поради која се разделени, натажени, секој самотен за себе. Со години, од младост во прва љубов до длабока старост. Зошто непреминлива? Затоа што е залезна.
Откако ги запознав и минав некое време со секој од нив одделно, прво со неа после со него, разбрав: така било и така е зашто мислеле и мислат дека таква им била и до смрт таква ќе им биде судбината. За мене беше сосем неприфатливо што ја прифатиле, што ѝ се предале, но не можев ништо да сторам. Своето несогласување им го докажував неколкупати преминувајќи од едниот на другиот брег, од едниот до другиот. Дури успеав да направам дрвен мост над неа, и тоа кај што беше најзалезна и најнепреминлива. Сè беше залудно.
И едниот и другиот ми раскажаа исто:
За нивната разделеност, натаженоста и самотноста виновна е таа-залезната река. Ни таа, ни тој, ни кој било друг! Како тоа?
Просто:
Се виделе, се почувствувале, се допреле во неа, во игра радосна и невина, кога таа била мирна, тивка, бистра. Но, кога ги обзела љубовна страст и речиси станале едно тело, таа ненадејно надошла! Како да се вознемирила, како нешто да ја исплашило. Се расбранила, се распенила, се заматила и излегла од своето корито, ги преплавила своите брегови.
Не успеале да ѝ се опрат, и во таква да останат заедно. Таа силум ги разделила. Него го фрлила на едниот, неа на другиот брег. И тој и таа веќе немошни, на залез на животот. Ни да се догледаат.