Потребно време за читање: 7 минути

50.

Свеченото отворање на изложбата со невидливи слики на Ристо од Петар, во единствената галерија во Страдец викана „Лично и единствено“, помина како што беше однапред замислено, предвидено и испланирано: едновремено перформанс и уметничка инсталација…Помина како што помина. Тој задоволен? Делумно. Зошто?! Одзивот, публиката…За Ристо од Петар неочекувано: дојдоа малкумна видни и значајни живи, а во многу поголем број одамна и од скоро мртви!…Зарем уште не согледал дека Страдец опустошува, се празни, се ништи, гасне, забрзано умира, исчезнува?! Како целата држава Ематија?!

Ристо од Петар на влезот на изложбениот салон, извајан во камен, мрамор, дрво и железо. Невидлив. Душа. Мртов како жив и како мртов, а жив. Цел, во природна големина, како човек и сликар. Возвишен! Никој посетител не можеше да го одмине, а да не подзастане. Ги поздравуваше и им се обраќаше со замолување да го ислушаат, има да им каже многу важно, се разбира директно и индиректно поврзано со изложените слики, а потоа лично тој мртов како жив ќе ги води од една до друга одговарајќи на евентуални прашања или нејаснотии. Им кажуваше:

„Драги мои гости, драги први посетители,

Ве замолувам да застанете пред мене и околу мене за да ме ислушате пред да почнете со разгледување, доживување, согледување и критичко вреднување на моите најнови дела.

Ме гледате ваков, извајан, душа, затоа што лично сметам оти душата постои во човекот додека е жив и продолжува да живее без него кога ќе умре. Никогаш не сум прифатил и не прифаќам дека јас како дамна мртов сум душа зашто само како душа можам да бидам мртов како жив, како некои од вас, а во исто време да сум со живи, како некои од вас. Патем, и натаму тврдам и докажувам дека живи луѓе не можат да создаваат невидливи дела за живи. Без оглед што една од моите љубови, која ме изваја ваков, верувам дека ви е позната вајарката Јасна од Спасе која за жал не е присутна зашто ми се јави на умирање и во овие мигови е веројатно мртва, го тврди спротивното. Сепак, се согласувам со неа дека врската меѓу душата и телото, животот како живот, како смрт и смртта како живот, е непорочната љубов. Која е  темелна смисла и содржина на мојава изложба.

Не знам колку ви е знајно на сите, а ни дали се согласувате или не дека секој човек, секој од вас, а пред сè секој творец користи три говори со кои се искажува себеси, му се докажува на светот надвор од него и едновремено комуницира со него: говорот на телото, говорот на душата и срцето и говорот на свесноста. Неретко ги користи трите наеднаш. Сакам да речам дека се слуша еден, се слушаат сите одделно или заедно едновремено, како еден. Тие не се само за меѓусебно разбирање, туку многу повеќе за самоизразување и самодокажување.

Имено, говорот на телото како најстар, но во исто време најжив е најразбирлив и најлесен за комуницирање меѓу луѓето. Особено меѓу нив, создавањето и создаденото дело на творецот. Кога станува збор за комуницирање со создавањето како процес, како дејствување. Еднакво со стварниот и заумниот свет. Говорот на телото е највидлив со движењата на рацете и нозете, но и со главата, лицето, погледот, но и со градите, стомакот, колковите. Во ликовната уметност токму тој е прв, ако не и единствен при сликање на женски и машки акт. Се согласувате, нели?

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Говорот на душата и срцето е посложен од говорот на телото. Некои го изедначуваат со внатрешниот говор на човекот, но има суштинска разлика помеѓу нив: првиот и се слуша и се согледува, а вториот е во најголема мера неслушлив, неретко неразбирлив. Најчесто монолошки. Со други зборови, душата и срцето говорат со избрани, доживеани зборови и откриваат, пренесуваат внатрешни чувства, расположби, нерасположби, доживелици. Во најголема мера воспоставува равенство меѓу стварниот и заумниот свет.

А што се однесува на говорот на свесноста, негова основна улога во комуникацијата меѓу луѓето, особено меѓу луѓето и творецот е да го рационализира ирационалното. Притоа, јас не ја пренебрегнувам психолошката димензија на свесноста односно намрното фокусирање на нејзината дејственост кон искусување на сегашноста при различни психолошки состојби. Говорот на свесноста го содржи во себе и нејзиното практикување.

Можам уште, надолж и нашир да зборувам за говорот на телото, говорот на душата и срцето и говорот на свесноста, за нивната единственост и нивното единство, но искажаното е сосем доволно кога е збор за моитер невидливи слики.

Многумина од вас досега ме прашуваа, а знам дека и сега ме прашуваат за непорочната љубов. Веќе реков, и јас сметам дека таа е врската меѓу душата и телото, животот како живот, како смрт и смртта како живот. Е темелна смисла и содржина на мојата најнова сликарска поставка. Пред да преминеме во изложбениот салон, сакам да изразам големо задоволство и радост дека успеав да ја обновам како невидлива, одново да ја насликам на платно шест метри долго, четири метри широко. Тоа е изложено како последно, одлево надесно. Најважно е, највредно и беспоговорно. Немам никакво сомнение дека секој што ќе ја гледа не со живи очи, туку со чувства, најпрвин со чувството на допир ќе ја согледа како светлина, како сончевина, како животворна енергија. А меѓу молкот и тишината и паметењето и заборавот ќе го догледа испловувањето на мојата и семејната гробница-кораб од нашата Сончева земја Ематија, непорочната љубов една на сите ближни и далечни.

Влегуваме“.

Пред да застанат пред првата слика, Ристо од Петар ги запозна гостите и посетителите со неговата таена љубов:

„Јас знам дека многумина од вас, живи и мртви нагаѓаат која е мојата таена љубов. Определувајќи се за една од нашите две познати артистки што играат секакви женски ролји од Шекспирови драми, најчесто играни на сцената на „Театар на животот“: Калина од Јордан и Ѕвездана од Славе. Се разбира, таа не е овде за конечно да ја откријам, веќе да не биде таена. Беше, е и ќе остане таква сè дури сум жив. Зошто? Просто затоа што е мојата лична непорочна љубов насликана на моето последно, најголемо платно. Таа ќе нè следи од слика до слика, пред, меѓу или по, и со своите Шекспирови ликови ќе им дава додатна невидлива содржина, па и драматичност. Како меѓу стварен и заумен свет, меѓу молк и тишина и односно или меѓу паметење и заборав. Да ви наспомнам дека при гледањето на невидливите слики секогаш треба да ги слушате кавалот на средината и тапанот во далечината“.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Потоа тргнаа од слика на слика.

Гостите и посетителите најпрвин застанаа како вџасени пред првото платно наречено „Ден за еден ден“. Ја препрочитуваа песната на Вера од Јане закачена со голема игла крај неа, сè додека во себе како мантра не почнаа да ја кажуваат наизуст; и откако беа предупредени од Ристо од Петар дека за да станат видливи допирот на сликите треба да биде внимателен, нежен, исчекуван и расположен („не груб и рамнодушен како на пример допирот на екранот на мобилен телефон или на таблет“). Почнаа да го допираат платното, а пред нив почна да се разлева брзо, па сè побрзо сива добиена со мешање на црна и бела боја; како мигум небрежно фрлена од високо. Додека ја гледаа невидливо, зад неа непорочната љубов со мимики и гестови ја играше Шекспировата Маргарет од претставата „Многу врева за ништо“.

Неочекувано и возбудливо сите ја изгледаа невидливата слика „Ноќ на заборав“. Особено студената сива боја со која ноќта наликуваше на сон со сеништа и задушени крикови на мртви. Непорочната љубов околу нив го играше ликот на медицинската сестра во „Ромео и Јулија“.

Жолтата и портокаловата боја, измешани во жолто-порткалова на платното наречено „При будење во рано утро“, со контури на машки и женски лица по страсна ноќ, како да ја засили непорочната љубов со ликот на Шекспировата Одри во „Како што ви се допаѓа“.

Гостите и присутните нȇмо го следеа танцот на самовилите на невидливата „Квечер на исчекување“, со портокалова и сина боја; голи, прозрачни и невини. Непорочната љубов како доминантен лик ја играше неколку мига Дама Макбет, со акцент на манипулацијата и амбицијата да стане кралица, како и нејзиното најавено самоубиство.

Во гостите и посетителите стануваа сè погласни и почнаа екотно да се засилуваат стиховите од песната на Вера од Јане. Како во нив да надоаѓа пенлива река:

Во ден за еден сив ден,
меѓу црни и бели,
се случува студена сива ноќ.

Се случува зашто веќе
се случи
при будење во рано утро;
сето жолто, сето сончево,
како портокал недофатлив
за детинска невиност.

Ќе мине мигум денов
за еден сив ден, а по него
квечер на исчекување,
сина и портокалова,
до пред црна полноќна
страст.

Застанаа меѓу невидливите слики „Полноќна страст“ и „Ниедно доба со мене“. Црната боја собрана во неколку мали и големи точки насликани на првата некако директно сугерираше изнемоштеност и угаснат оган како црна пепел. Втората, со раце и нозе небрежно размачкана сива и малку црвена боја, најавуваше сонлива будност или одвај издржливо внимание. Непорочната љубов меѓу нив со мимики и гестови ја откриваше Лавинија од претставата „Тит Андроник“.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

На „Пламтеж на крв“ беше разлеана густа црвена, а на „Вода понорница“ на преден план како да протекуваа сина и бела боја. Непорочната љубов прво пред првата, а потоа пред втората ја доловуваше Офелија во „Хамлет“.

„Небосклон на живи и мртви“ со портокалова и жолта боја раскажуваше без зборови цел свет со свој небосклон. Ристо од Петар очекуваше токму затаа слика да го прашаат нешто, но како никој да не се осмелуваше. Или на сите им беше сè јасно и разбирливо. Како на неа ништо да не ги предизвикува. Напротив, на нивните лица беше забележлива извесна рамнодушност. Непорочната љубов пред неа се определи да ја одигра со мимики и гестови непожелната, но и умна, храбра и независна жена Кетрин, во од другите помалку познатата и помалку гледана претстава „Тајмингот на лудилото“.

„Надежна земја“ им остави голем впечаток. Од темно-кафеавата боја беа трогнати, но во исто време предизвикани на каков било начин да покажат доблест. Им се виде плодна, а запустена земја чија слобода треба да се брани за да не се престори во непрегледна пустина. Маслото наречено „Надоаѓање на светлина“, пак, насликано цело со измешани зелена, виолетова и бела, им ја откриваше ведроста и жизненоста во нив. Непорочната љубов од зад едната, па од зад другата слика ја играше во тишина Розалинд од „Како што ви се допаѓа“, облечена како маж.

Гостите и посетителите се согласија меѓусебно и со Ристо од Петар дека ни во животот ни во смртта досега не виделе подлабока и поцрна мрачнина како на дванаесетта невидлива слика „Мрачнина на мртов како жив“. Таква црна боја…Непорочната љубов (Калина од Јордан или Ѕвездана од Славе?) ту пред неа, ту во неа ја глумеше Дездемона, верната жена на Отело во истоимената драма на Шекспир.

Настана длабок молк. Непорочната љубов застана исправена, како вкочанета, а пред  сликата и пред сите ненадејно, од никого очекувано излезе Ангел од Михаил кој веќе може да се нарече најдобар и најверен пријател на Ристо од Петар. Со торжествен и громок глас ги издекламира преостанатите стихови од песната на Вера од Јане:

Но ниедно доба со мене
како сивило, црвенило,
туку сал црвен пламтеж
на крв
и сина и бела вода
понорница.

Еден небосклон на живи
и мртви,
портокалов, па жолт,
и една надежна земја
потоната во темно-кафеава
мирнотија
чекаат надоаѓање
на светлина зелена,
виолетова и бела,
пак пред црна мрачнина
на човек мртов како жив“.

Потоа се случи пред најголемото и најважното невидливо платно, масло шест метри долго и четири метри широко, на кое Ристо од Петар ја беше насликал непорочната љубов.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here