Сите еснафи си имаа по еден устабашија и по еден чауш што ги покануваше мајсторите за некои еснафски работи, кога ќе имаше потреба.
Секој еснаф си имаше каса. Парите ги употребуваа за помош на сиромаси, на туѓинци што просеа, за цркви и манастири, за омажување сиромашки моми, за болни и неволни и др.*) Овие пари ги собираа помеѓу себе вака: кога ќе се глави некој калфа, ќе си ја плати определената такса в каса, според ругата што ќе ја зема. Секој саботен ден чаушот собираше пари во запечатена кутија. Секој калфа кога ќе станеше мајстор, плаќање „устал`к“ (плата за мајстор) една определена количина пари. Уште пари собираа и од казни и од оние еснафлии што не им се покоруваа на еснафските закони.**)
Еснафскиот закон не допушташе чирак да служи бесплатно помалку од три години. На чиракот му даваа само по еден чифт чевли. По трите години мајсторот го викаше устабашијата, со кого му определуваа руга според достоинствата што ќе му ги покаже мајсторот. Таткото на детето не се слушаше колку руга сака, туку каков мунасип ќе најдат устабашијата и мајсторот и тоа ќе си биде.
Така и калфите се оценуваа од устабашијата и од старците што го придружуваа.
Додека прилепските еснафи беа во добар ред и во добра состојба од парична страна, најусрдно даваа пари за градење соби по манастири и сл.
Во 1868 год. изгореа сите соби од Трескавечкиот манастир и многу скоро еснафите ги направија и дури и поубави отколку што си беа. На секоја соба над вратата има по една мермерна плоча, напишана со имињата на еснафлите што подариле пари за да се направи таа соба за вечен спомен.
Секој еснаф одеше на гости де на еден манастир, де на друг, и на враќање оттаму пишуваа како подарок масло, даваа пари обилно за помош на манастирот и др.
Иако секој си носеше од дома по една погача, по една карта вино, по еден пагур ракија и други јадења, но игуменот, без да ги гледа погачите и картите, готвеше најубави јадења и пиења за да им угоди на еснафлиите за да се пофалат тие на другите еснафи и на таков начин да добие муштерии. Со еден збор, само радост и веселба имаа тогаш еснафите. Но тоа радосно време за секој прилепчанец не би до крај, зашто врските што ги имаа тогаш постепено ослабнаа и сега веќе еснафскиот закон не се почитува, особено од младите. Многу им попречи на еснафите од една страна недржењето на еснафските закони, а од друга околностите и конкуренцијата на европските стоки и модни изработки.
И така, прилепските еснафи денеска се во бедна состојба, и подобро да речам душа берат и страв ми е да не умрат скоро сите, како што веќе има многу еснафи умрени и погребани.
________________
*) Попосле, кога почна народот сам да си ги издржува училиштата, тогаш еснафите помагаа и од своите каси.
**)Терзиите и чизмарите им ги преврќаа наопаку тезгињата на виновните за казна, а понекогаш им ги затвораа и дуќаните, без да им се меша во тоа власта.
(Заб. Марко К. Цепенков)