Јуриј Михајлович Лотман

Потребно време за читање: 2 минути

Лотман е естонски теоретичар на литературата. Живеел од 1922-ра до 1993-та година. Тој е еден од попознатите филолози на 20-от век, а е најпознат како теоретичар на книжевноста и уметноста, втемелувач на тн. Тартуска школа на структуралната поетика и семиотика. Негови најпознати дела се „Предавања од структуралната поетика” (1964), „Структура на уметничкиот текст” (1970), „Анализа на поетскиот текст” (1972) и други.

Темелен став на Лотман е дека секоја уметност е комуникациско средство, т.е. јазик сфатен како посебно уреден и организиран систем на комуницирање што се користи со знаци, при што природниот јазик е првобитен, а уметноста друг моделативен систем.

Лотман, меѓу другото, покажува какви се односи на корелација постојат помеѓу тие две низи. Тој, исто така, настојува да ги покаже начините како тие односи, како и самата уметност, функционираат во културата и општеството. Поради тоа неговите истражувања имаат основа во теоријата на информацијата и семиотичкото испитување на книжевноиста, но исто така имаат и пошироко социолошко лоцирање на книжевното дело.

Миливој Солар за ставовите и размислувањата на Јуриј Михајлович Лотман, во воведот на хрватското издание на делото „Структура на уметничкиот текст”:

„Во современата наука за книжевноста „Структура на уметничкиот текст” важи за една од најдобрите разработки на целокупната проблематика на структурализмот, а секако и на целосното Лотманово учење, најчесто наречено „структурална поетика“. Таквиот назив е изведен по аналогија со структуралната лингвистика, оти е очигледно дека Лотман го презема нејзиниот темелен модел за да ги обработи клучните структуралистички опозиции помеѓу јазикот и говорот, означителот и означеното, дијахронијата и синхронијата, парадигмите и синтагмите, како и да го следи методот заснован на замислата на анализа на знаковните состави кои го прават темелот на човечката култура. Меѓутоа, за разлика од традиционалната поетика, која од Аристотел до денес се занимавала најнапред со начините како се обликуваат книжевните дела, Лотмановата поетика сака да ги истражи битните услови кои овозможуваат воопшто да се случува особениот вид на кжнивено-уметничка комуникација, зошто е таа потребна, за што служи и што се постигнува со неа”.

Leave the first comment