Потребно време за читање: 3 минути

8.

Има едно прашање кое често ми го поставуваат блиски, пријатели, познајници, а мојот одговор никако да е конечен, прифатен: дали светот на живите и светот на мртвите постојат и се паралелни? Мене лично тоа ми е сосем депласирано, нема што да се одговара или објаснува, но при многу средби и разговори е просто неодминливо.

На пример, пред некое утро јас како жив со мојот пријател Јордан од Страшо, сè уште жив, а не ни помислува, ниту насетува дека ќе умре скоро, чиј гроб е еден од соседните на мојот, разговаравме на клупа на кејот на Матната река токму за паралелноста меѓу двата света на постоење и опстанување. Всушност, тој постојано прашуваше, а јас одговарав не обидувајќи се да го убедам во моите размислувања и ставови.

Јордан од Страшо:

-Пријателе Ристо од Петар, ти си мртов, а јас жив. Значи ли тоа дека сме во два различни паралелни света?

Јас:

-Пријателе Јордан од Страшо, прво треба да се провериме меѓусебно; колку сум јас мртов, а жив, и колку си ти жив, а мртов. Не, не се шегувам. Мислам на постоењето и опстанувањето. А што се однесува на два света, јас можам да ти докажам дека станува збор за еден, единствен свет. Но и кога би го поделиле на два, претпоставувам дека мислиш на свет на живи и свет на мртви, во никој случај не може да се разгледуваат и промислуваат како паралелни. Едно зашто не се едновремени, а друго дека додека сме живи ја учиме и прифаќаме смртта како исчезнување.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Тој:

-Сакаш да речеш дека смртта не е смрт? Дека е продолжение на животот?

Јас:

-Пријателе Јордан од Страшо, знаеш добро дека во животот не бев филозоф, туку сликар, и ги промислував нештата, но не милував да филозофирам за нив…Ти мене ме сметаш за мртов откако умрев? Како тоа сум сега жив како ти?

Тој:

-Пријателе Ристо од Петар, и јас никогаш не сум ја сакал филозофијата, ниту сум милувал да филозофирам. Знаеш дека бев часовничар, половина век минав во моето дуќанче преполно со расипани и од мене поправени часовници од разни времиња, години, векови…Како можам да те сметам за мртов кога еве сега, како многупати досега сме заедно, живи?…Сум слушнал за паралелното постоење на свет на мртвите и свет на живите. За како учат религиите не сакам да расправам ни со тебе ни со некој друг. Ми ја мати мислата за единството на светот и времето наспроти животот и смртта. Конкретно, сè почесто се прашувам дали постои нивна меѓузависност.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Јас:

-Воопшто не треба да се прашуваш, пријателе. Неа можат да ти ја потврдат и живи и мртви. Јас само ќе ти кажам дека средбите меѓу едните и другите најчесто се случуваат во сон и во самотност. Се разбира, не ги заборавам спомените. Зошто? Поради блискоста. Додека сме живи, да прифатам како што е вообичаено-во живиот свет, не чувствуваме, ниту можеме да домислиме дали сме и колку сме блиски со некои, може и најблиски и најдалечни.

Јордан од Страшо:

-Никогаш не ми била блиска поезијата, не знам речиси ништо за неа и во врска со неа, но ми се чини дека мислиш на средби меѓу живите и мртвите алегориски или метафориски.

Јас решително:

-Не! Воопшто не е поетски. Значи, да повторам: живите и мртвите се во еден ист свет и во едно исто време; не постојат свет на живи и свет на мртви, ниту нивна каква годе напоредност. Разликата меѓу живиот и мртвиот е само во едно: телесната и вонтелесната или духовната егзистенција. Тие во нас и како живи и како мртви се строго разграничени. Првата е доминантна додека сме живи, а втората откога ќе умреме.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Веќе беше близу пладне кога јас како жив и мојот пријател Јордан од Страшо, сè уште жив, а кој не ни помислува, ниту насетува дека ќе умре скоро, чиј гроб е еден од соседните на мојот, ја завршивме средбата на клупа на кејот на Матната река и разговорот за паралелноста меѓу двата света на постоење и опстанување. При разделување му дореков:

-Пријателе Јордан од Страшо, доаѓај одвреме-навреме на твојот гроб. Соседен е на мојот. Прилично ти е запустен. Обраснат е со трње и треви. Ослободи го од нив, подзачисти го, подзабриши го, изми го. Скоро ќе се преселиш во него. Може и да се видиме, малку да се дружиме и да си поприкажеме за нешто, за што било. Баш вака, ти уште жив, а јас одамна мртов.

Ме загледа зачудено, па се сврте и молчешкум си го фати својот пат.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here