Потребно време за читање: 2 минути

Одамна го беше заборавил албумот со фотографии што му го подари пријателот кого го заборави штом се пресели во Големиот гртад. Тоа беше една лоша страна на карактерот на Јасен Виорски; брзо да заборава стари пријатели, а мошне тешко да запознава нови.

Кога му го подаруваше албумот со фотографии, пријателот го предупреди да запомни дека нема излез од неговиот град ако остане подолго во него. Колку и да настојува. Неговиот град беше само кратко време и негов, но можеби токму затоа ќе го носи во себе. Ако само еднаш го посети неговиот град, ќе го помни долго и поради лавиринтот направен над него! Сега се сеќаваше на албумот со фотографии пред толку години, меѓу другото затоа што очекуваше таму да ја најде и открие тајната на лавиринтот над градот за кој му раскажуваше неговиот пријател. За лавиринтот божем направен над градот!

Кога во една прилика го посети стариот пријател, тоа беше една од неговите последни средби со него, не виде никаков лавиринт иако го бараше. А пријателот занесено, со вжарени очи, го убедуваше дека не може да го догледа, но сигурно постои. Впрочем, затоа луѓето овде не знаат како да го користат слободното време.

Прочитај и за ... >>  Мора ли повторно нешто од неговиот личен живот? Мора!, заклучува Марија Имотска.

Ги гледаш збунети, Јасене Виорски. Не сакаат да се погледнуваат меѓусебно и не се поздравуваат.

А лавиринтот, му докажуваше пријателот, е изграден со првата куќа овде; уште со првата од некој што се преморил откривајќи географски подрачја или го навасале годините. Пред многу векови.

Го пронајде албумот со фотографии на таванот, меѓу пајажината и стариот ковчег, старите часовници, војничките униформи. Го превртуваше и сè повеќе беше сигурен дека тајната на лавиринтот над градот се крие на една од тие стари фотографии, повеќето од нив веќе пожолтени.

Ниту еден познат лик. Па сепак, улиците, плоштадот и паркот ги помнеше. Ги познаваше, иако се забришени детали.

Неколку пати се навраќаше на некои од старите фотографии. Одново го превртуваше албумот. Така го фати темнината. И под старата ламба запре пред една фотографија изненаден, дури исплашен. Малку закршена кај главата на човекот што се смее. Исправен во гордост како да совладал нешто, а над него нацртани испресечени ходници. Лавиринтот!

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Од каде тој над овој човек?! Веројатно монтажа. Друго не може. И кој е тој? Каква улога имал во минатото на градот?

Ја гледаше долго старата фотографија со лавиринтот над главата на човекот што се смее, исправен во гордост како да совладал нешто.

Во еден миг го исплаши помислата дека човекот на старата фотографија е истиот оној што пукаше во него онаа вечер од куќата.

Лавиринтот!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here