Потребно време за читање: 2 минути

Сонуваме? Навистина?

Не можеш да размислуваш наеднаш за сè, Јасене Виорски. Ќе се премориш, ќе се разболиш, го советува Марија Имотска, а тој ја следи сосема рамнодушно. Подели по време. Инаку, нема да разбереш што ти кажувам.

Сигурна ли си дека така не е добро?, ја прашува тој.

Сигурна! И повеќе од сигурна, Јасене Виорски! Особено ако патуваш долго, ако откриваш нови предели во сонот или ако почнуваш да се сомневаш дека постојано предизвикуваш диви животни да те нападнат.

А ако ги отворат кафезите? Животните се вознемирени, Марија Имотска.

Вознемирени се затоа што се гладни. Кога ќе ги нахранат ќе се успокојат. Тие одамна заборавиле на својата дивина.

Излегуваат заедно со Иван Најдески од зоолошката градина. Им треба извесно време за да ги заборават реата и нечистотијата како доказ за крајното невнимание и незалагање на вработените воо зоо-паркот.

Вработените овде, драги пријатели, се самоуправни органи, а животните непосредна работна сила, иронично и со голем сарказам им објаснува Иван Најдески.

Прочитај и за ... >>  Сè во свое време, забележува Јасен Виорски. Времето почнува, забележува Марија Имотска.

Стоеја пред вратата на театарот. Куклите веќе беа излезени на сцената.

Не знам дали е добро подолго да играш или да следиш нечија игра, му рече Марија Имотска кога влегоа.

Да, но пред тоа треба добро да ги научиш движењата, ѝ одговори Јасен Виорски.

Иван Најдески мораше да ги остави сами зашто доаѓаше на ред неговата улога.

Ти затоа ме донесе овде вечерва?, му се насмеа.

Некогаш посакуваме навистина да се жртвуваме за некој. Да создаваме за друг. А некогаш само онака, од навик, кажуваше принцот со меч в рака. Иван Најдески.

Јас мислам дека многу минав во животот. Постојано се противев некој да ме поседува, а притоа никогаш да не бидам сама, му рече во паузата.

Значи, точно мислев кога ти реков за падот и поразот, Марија Имотска, заклучи Јасен Виорски.

Го знам тоа и затоа сакам сè да поставам на свое место. Ти до мене! Ама и сама!

Прочитај и за ... >>  Патувањата се потребни, особено кога промените во нас доаѓаат сè поретко.

А потоа?

Треба да се патува. Треба постојано да се запознава светот. За да го имаш како твој. Така да бидеме во него заедно и така да е наш, кажуваше принцот со меч в рака. Иван Најдески.

Стоеја пред вратата на театарот и долго молчеа. Не размислуваа каде да продолжат.

Иване, запри малку. Сакам нешто да те прашам, го запре Марија Имотска Ивана Најдески кога овој се појави на влезната врата и како да сакаше да ги одмине.

Што е, Марија Имотска? Нешто не е в ред?

Да те прашам нешто. Зошто на крајот од твојата реплика го прободе кловнот со мечот?

Не знам. Веројатно поради кулминација на дејствието.

Но тој требаше да ја разведри атмосферата!

Можеби затоа што е премногу смешен со оној свој искривен врат и долг нос, како и со онаа своја вечна насмевка. Веројатно затоа ја завршувам својата улога со тој чин.

Но неговото присуство е толку кратко. Како да се појавува само за да можеш да го употребиш мечот Иване Најдески, беше упорна Марија Имотска.

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Јас сум само артист и тоа воопшто не ме засега. Благодарам на вниманието. Довидување!

Марија Имотска и Јасен Виорски уште долго стоеја пред вратата на театарот. Откако забележаа дека веќе никој не излегува и никој нема пред нив, ниту околу нив, со бавни чекори навлегоа во мрачната ноќ. Пред да исчезнат во неа, Јасен ѝ рече на Марија дека нивната љубов е сè поголема, а патувањата до Морето, па потоа низ светот ќе бидат дел од неа. Како грижна и безгрижна игра или како неразбирлива за други, додаде таа. Нивните сенки не можеа да се забележат. Како да ги напуштиле во меѓувреме.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here