Потребно време за читање: 2 минути

12. ЕТАПИ НА РАЗВОЈ

Студијава е пишувана со цел конкретна реализација која ќе ги потврди авангардноста и перспективноста на радиото како масмедиум. Особено ако се има предвид моето повеќедецениско практично искуство-како новинар, уредник и втемелувач на два комплетни радио проекта-„Радио Херц“ на вториот канал на Македонското радио (јавен сервис) и Радио Гром-Евергрин Гром радио (сопствено-приватно). За разлика од некои медиумски теоретичари, кои сметаат дека во мултимедијалниот свет нема време и простор за радиото, па тоа веројатно ќе „изумре“, јас, напротив, сметам дека токму во него тоа ќе го освои вистинското-водечкото место (предноста на аудитивното наспроти визуелното и печатеното-весникарство, книгоиздателство). Се разбира, како радио на современата модерност.

Од друга страна, токму комплексноста на неговата современа модерност бара постапност во реализацијата, но и прецизно одредување на развојните етапи, какви што ги предлагам (со отворена можност за дополнување-надградување, но не и временско пролонгирање).

И покрај тоа што не е можно да се предвидат сите конкретни зафати на тој план во еден среднорочен период (таква конкретизација е можна во годишни планови), сепак е нужно да се дефинираат и временски детерминираат основните елементи на развојните фази:

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

1. Прва година

-Прво тримесечје:

Детално запознавање на сите актери-ангажираниот кадровски потенцијал со проектот во целина, а особено со програмската шема; расправа и предлози за нејзина надградба; интензивно подготвување на сите синопсиси и сценарија за дизајнирање на програмата, односно радиофонско обликување на радиските најави (насловите) на програмите, емисиите и рубриките.

-Второ тримесечје:

Радиофонско обликување на најавите (насловите) на програмите, емисиите и рубриките од програмската шема, според подготвените и усвоени синопсиси и сценарија. Напоредно се врши организација на работата на редакциите и реализаторското екипирање. По извршената организација, во рамките на ова тримесечје од првата година се прават и првите опитни, пробни, пилот-програми, емисии и рубрики.

-Трето тримесечје:

Старт на програмската шема-експериментална фаза. Се предвидува не постапна, туку комплетна промоција на програмската шема, па затоа експерименталната фаза е нужна. Таа ќе трае во текот на ова тримесечје и ќе се одвива во постојана комуникација со слушателскиот аудиториум кој полека ја прифаќа и се навикнува на својата улога (активистички однос).

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

-Четврто тримесечје:

Согледување на резултатите од експерименталната фаза, нивно сумирање, расправа за постигнатото (јавна-во комуникација со слушателите) и конечно обликување на програмската структура на радиото. Во оваа фаза од особено значење се согледувањата и резултатите на маркетиншката програмска ориентација на одделните програми, емисии и рубрики. Се вршат и дефинитивни корекции во програмско-реализаторската организација, без порадикални промени на тој план.

2. Втора година:

Подобрување на програмско-уредувачкиот квалитет на радиото и подновување или освежување на програмската шема со нови рубрики (не емисии и програми), според остварувањата и недоследностите изразени во претходната година, како и во зависност од „истрошеноста“ на одделни рубрики (како природен радиски процес). Се врши и воведување на нови техничко-технолошки програмски решенија.

Во оваа втора година од среднорочниот развој на радиото се оформува-систематизира и Фонотеката. Тоа претпоставува: посебно снимен музички-фонотечен материјал, посебна евиденција на фонотечната документација (особено Ефектотеката), евиденција на трајниот радиски материјал реализиран во текот на првата година, редакциските бази на податоци (хеморотека) и сл.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

3. Трета година:

На почетокот од оваа фаза, со годишниот план на кадри (реализиран и во претходните две години), дефинитивно се оформува потребниот кадровски состав за квантитативна и квалитативна реализација на проектот.

4. Четврта година:

Продолжување на програмскиот континуитет, натамошен развој и подготовка за порадикална програмска обнова.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here