Потребно време за читање: 3 минути

4.

И во светот на мртвите и во светот на живите, па и во светот помеѓу нив мене најмногу ме познаваат и ме знаат како добра душа. Што значи дека сум чиста, чесна, искрена, благородна, блага, а над сè достоинствена. Тоа најмногу ми овозможува да бидам кога треба и кога ќе посакам со живи, со мртви, едновремено со едните и другите, и мртов и жив. Како душа без тело, на која телото одамна не ѝ е потребно, во моево, во семејново вечно живеалиште и почивалиште јас сум сакан од сите. Најмногу преку мене контактираат со живиот свет оние мртви ближни чии души или заминале козјнае каде или се тука, околу нив, но не се одзиваат на ниедно име зашто заборавиле на кои им припаѓаат. И со мојата ќе се случи истото некогаш или скоро? Не верувам зашто создадов дела за паметење, кои достојно ме именуваат.

Баш именувањето ми се наметна сега како клучно за затврдување на идентитетот на живите и мртвите. Стварно можам многу да зборувам за него. Особено искуствено. Ај збор-два.

Грешат сите што мислат дека именувањето е важно за во живиот свет, а во мртвиот едноставно не постои. Напротив, за затврдувањето на индивидуалниот и колективните идентитети е еднакво важно во двата света. Се разбира, истовремено со трите времиња што го детерминираат опстојувањето како суштествено за сè живо и мртво-минатото, сегашноста и иднината.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Сè неименувано е незнајно, непознато и без трага. Има такво? Во природата и делотворниот свет нема, но има многу во дребнавоста и минливоста. Јас не милувам да давам примери како поткрепа или доловување. Нема да дадам ни сега. Ќе поставам само едно прашање на кое секој жив или мртов треба да си одговори ако сака да ја осознае, па и да ја почувствува тежината и значењето на именувањето како суштествено за идентитетот:

Дали се можни живот и смрт без именување кога едниот завршува, а другиот почнува, и кога едниот и другиот почнале завршувајќи или завршиле почнувајќи?

Прашањево наметнува друго, од не помало значење:

Што се случува со гробовите на неименувани од раѓање и по смрт?

Паметам од збор до збор еден од последните разговори со татко ми Петар додека умираше. (Веќе не го потсетувам на него зашто многу го жалости и не се смирува со денови и ноќи.) Го водевме некое време пред да почине ненадејно, по боледување цели седум ипол години.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Го прашав зошто умира долго, толку години, кога и тој и јас и сите ближни знаевме дека за него нема живот. Тој се задума, молчеше некоја минута, па ми одговори:

„Тоа не е од Господ, синко. Тој ниту смислува каква ќе биде смртта и колку ќе трае умирачката, ниту ѝ дава каква-годе смисла. Ја смета за живот или како дел од него и од животворноста како затврдување на траењето со идентитетот. Секако без оглед на годините живот. А се умира долго или кусо во зависност од создаденото именувано според неговиот творец или колку е тоа длабоко како трага“.

Го допрашав:

„А што е со безимените гробови? Значи дека во нив почиваат незнајни?“

Ми одговори:

„Значи. Безимените гробови може да се сметаат само како трага на време, на изминат, завршен живот и минливост. Тие се безимени, значи дека во нив почиваат незнајни, токму поради неименување што едновремено претставува дел од долготрајно бришење на индивидуален и колективни идентитети. Безимените гробови со време исчезнуваат и можеби никогаш нема да се открие каде биле“.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Уште еднаш го препрашав:

„Јас сум сликар и секој ден сликам без здив. Тоа значи дека ја затврдувам животворноста, моето именување Ристо од Петар и мојот идентитет? Тоа значи дека е сеедно дали ќе умирам долго или кусо?“

Ми доодговори пред некое време, не како продолжение на овој разговор, туку откога сме заедно во гробов, со сите мртви на ред, веќе пет години:

„ Ти не требаше уште долго да ни се придружиш, да заживееш со нас, ближните мртви во гробов. Зашто си добра душа. Чиста, чесна, искрена, благородна, блага, а над сè достоинствена. Создаде слики за паметење, тие го затврдуваат твојот идентитет и достојно те именуваат. Што значи дека минливоста и дребноста си ги надминал додека беше жив. Сите ние мртви со тебе, а биди сигурен и сите сè уште живи наши многу те сакаме. Се гордееме со тоа дека кога треба и кога ќе посакаш си со живи, со мртви, едновремено со едни и други, и мртов и жив. Баш како што велиш самиот: како душа без тело, на која телото одамна не ѝ е потребно“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here