Потребно време за читање: 2 минути

Стварноста не е сè.
Редовна состојба: сонот како настан.

Да, тоа беше драгоцено искуство, Марија Имотска. Пред железото не смееш без маска. Ако не си ги заштитиш очите, ќе ослепиш. Сè може да ти се случи.

Тоа е мошне напорно.

Да. Додека стоиш пред печката, ја отвораш, а пред тебе истекува огнот. Мислиш дека паѓаш во него. Го губиш здивот…Огромен физички напор.

А човекот со број на градите?, го врати Јасена Виорски малку наназад. Не смее ништо да остане необјаснето!

Тоа е настанот. Слушни. Работев со железо, како со огнена река. Во погонот бевме петмина. Едниот од нас најстар. Е тој имаше број на градите. Го објаснуваше тоа со минатото, со војната. Не му пречеше и нè уверуваше дека сме сите со број. Само што не сме свесни или тоа не сакаме да го знаеме.

Се случи несреќа, продолжи Јасен Виорски. Загина! На неговиот број како да заборавивме сите. Беше најстар меѓу нас…Потоа ја напуштив таа работа. Ми се смачи. Во смени, услови тешки, без чист воздух. Огромен напор. Не бев јас за тоа.

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Раскажуваш мошне убедливо.

Да, да. Мора да биде така.

Што, Јасене Виорски? Што мора да биде така?

Тоа! Дека загина! Ние не бевме свесни или не сакавме да го знаеме тоа, а тој си го носеше бројот на градите.

Како мислиш да го направиме пресвртот сега?, го праша наеднаш, а тој неочекувано замолче.

Гледаше празно во неа, како во сенка. Кој пресврт? Што ѝ треба тоа? Се обидуваше да си ја смири возбудата. Дишеше длабоко. На челото му се појавија долги брчки, а усните му се искривија. Чиниш откорнуваат смеење од градите. Му се појави и долга бразда на левиот образ, како од нож. Неверојатна мигновена трансформација!

Марија Имотска одвај го препознаваше каков што го знаеше и го знае. Како да ѝ стануваше сè понепознат. Се оддалечува од него?! Се оддалечуваат?!

Ај да го одложиме!, му предложи. Да го направиме кога ќе бидеме и расположени и подготвени за него. Јас мислам дека пресвртот ќе го направиме полесен, посигурен и побрз кога ќе научиме секогаш да бидеме тоа што сме.

Прочитај и за ... >>  Целта е сè уште далеку.

Што сме, Марија Имотска?

Дел од стварноста во наш сон, му одговори убедливо.

Зошто не дел од наш сон како стварност?

Марија Имотска не знаеше што да му одговори.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here