Потребно време за читање: 2 минути

Наеднаш го запре здивот, го втренчи погледот во него. Низ нејзиното тело проструи недефинирана енергија што ѝ ги собра рацете и нозете. Градите одново ѝ станаа црвени. Устата сува.

Тоа може да биде само твоја лична интерпретација на болката и тагата по неа, одвај изусти задржувајќи нејасна решителност во гласот.

Не знам. Веројатно, ѝ одговори Јасен Виорски замислено. Веројатно во тоа ми помага ваква ноќ.

Никогаш досега не си ми ја спомнал мајка ти!

Едноставно, не си ми го овозможила тоа, Марија. Ти немаш поим каква сила има во твојот поглед кога занемуваш. Полесно ми е кога зборуваш. Многу полесно. Макар и неповрзано, макар и да не ти успева да поставиш гранична линија меѓу сонот и твоето секојдневје.

Најважно во сето тоа е дека си ја сочувал намерата. Што се случува со мајка ти?

Во ваква ноќ ѝ ја сечат ногата. Мораат за да ѝ го продолжат животот. Свеста за времето и просторот заедно.

Прочитај и за ... >>  Луѓето нè одмеруваат со различни погледи. Веќе ги заморува нашата доследност.

Биди конкретен, Јасене Виорски. Раскажувај ми едноставно. Веќе ти ја прочитав намерата.

В ред. Мајка ми е болна. Ногата ѝ се суши, па мораат да ѝ ја пресечат. Над коленото. Мајка ми е храбра жена. Ќе издржи. Имам јасна, детална претстава како тоа се случува.

Мора да е страшно. Веќе ме заморува. Замислувам. Дали ќе издржам?

Замисли само: кога ќе ѝја повратат свеста, кога ќе ја почувствува ногата како цела! Ги движи прстите, а нив ги нема! Го свиткува коленото, а го нема!

Страшно, изусти Марија Имотска и потона во некаква нејасна, маглива состојба, во друг свет. Во друга индивидуалност ли? Сосема нова за неа, во секој случај.

Тоа е животот. Сè се случува, за сè е потребно достоинство и издржливост. Тоа се ѕидови што мораме да ги прескокнеме ако сакаме да стасаме до целта. Да стасаме во апсолутното спокојство; во хармонијата на телото, во сопствениот систем. Во сопствената кожа, Марија Имотска!

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Нели ти се чини дека губиш драгоцено време за лична интерпретација на болката и тагата?

Немаш право, ѝ одговори и ѝ даде знак со рацете кревајќи ги едновремено високо над челото; дека ќе го каже последниот збор.

Во ваква ноќ на мајка ми ѝ ја сечат ногата, и тоа е важен трагичен настан за нашиот континуитет!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here