БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 4 минути

107. Од корените

Кога е збор за биографиите, особено за автобиографиите, нивната веродостојност е помеѓу паметењето и глорификацијата на едни настани, доживувања, преживувања од една, и заборавот и минимизирањето односно маргинализацијата на други од друга страна. Имено, во зависност од паметењето не толку на главните во животот, колку на епизодните, попатните, ситните, па и безначајните, биографиите и автобиографиите се „сиромашни“ или „богати“, а пак, со заборавањето на клучните, пресвртните, судбоносните, значи не толку на епизодните, попатните, ситните, колку на главните во животот, тие ја губат својата фактографска вредност и значење.

Ова е првата причина (секако дека има и други) поради која ја прифаќам биографијата како книжевен жанр; бидејќи посочува на човечки мотиви, чувства, мани, добрини, злости, доблести, слабости, на проблеми и односи во заедништво, во сопатништво со блиски и далечни итн. Со таква „содржина“ се доживува како книжевно дело-драма, комедија, роман и сл. Животописот, пак, е штуро, неретко соголено, здодевно наведување на местото и датумите на раѓање и смрт, школувањето, одделни пресвртни или клучни настани во животот.

Наведеново го „диктира“ и насловот на ова мое дело: биографски бележник на еден книжевник и обичен смртник меѓуврермено.

Веродостојност помеѓу паметењето и глорификацијата на едни настани, доживувања, преживувања од една, и заборавот и минимизирањето односно маргинализацијата на други од друга страна. Неа може да ја бараме и да ја пронајдеме зашто ни е важна, а може воопшто, со ништо да не нѐ оптоварува. Може да проблематизира, а може изнесеното, откриеното или осознаеното да ја направи проблематична. Како за кого. За мене е сосем сеедно.

Дел од мојата биографија:

Јас сум рожба на „мешан брак“. Татко ми Наум, Македонец, бил роден во с. Долно Дивјаци, Крушевско, со „скромно“ револуционерно семејство. Имено, дедо ми-татко му Сотир Крстевски е илиндеднски комита, а еден од неговите браќа е познатиот војвода Ставре Димитров. За кого пронајдов само куса белешка нa Википедија на бугарски јазик (не и на македонската), очекувано-побугарчен:

„Ставри Димитров (Митрев) Кръстев е български революционер, крушевски войвода на Вътрешната македоно-одринска революционна организация.

Биография

Ставри Димитров е роден в 1880. година в крушевското село Долно Дивяци, тогава в Османската империя. Присъединява се към редовете на ВМОРО в 1900. година и изпълнява куриерски задачи. Участва в Илинденско-Преображенското въстание в 1903. година като четник при Гюрчин Наумов и участва в отбраната на Крушево. В 1910. година след възстановяването на революционната организация е четник при Блаже Кръстев, а от 1911. Година-самостоятелен войвода в Крушевско.

Димитров участва в освобождаването на Крушево през Балканската война на 25. октомври 1912. година заедно с четите на Методи Стойчев и Иван Джонев. На 25. октомври българските чети влизат в Крушево и в града е установено временно българско управление. На 15. ноември в града влиза сръбска рота, а четите на Стойчев, Джонев и Димитров събират оръжието от турските села и въоръжеват местното българско население. Четата на Димитров е в авангарда на сръбското настъпление към Битоля и участва в боевете при Обедник, Облаково, Снегово и Битоля.

През март 1914. година новите сръбски власти го арестуват и затварят в Битоля“.

(Превод:

Ставри Димитров (Митрев) Крстев е бугарски револуционер, крушевски војвода на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација.

Биографија

Ставри Димитров е роден во 1880. година во крушевското село Долно Дивјаци, тогаш во Османската империја. Се приклучува во редовите на ВМОРО во 1900. година и исполнува курирски задачи. Учествува во Илинденското востание во 1903. година како комита во четата на Ѓурчин Наумов и учестввува во одбраната на Крушево. Во 1910. година при организирањето на револуционерната организација е комита во четата на Блаже Крстев, а од 1911. година-самостоен војвода во Крушевско.

Димитров учествува во ослободувањето на Крушево во Балканската војна на 25. октомври 1912. година, заедно со четите на Методи Стојчев и Иван Џонев. На 25. октомври бугарските чети влегуваат во Крушево и во градот е востановена привремена бугарска управа. На 15. ноември во градот влегува српска чета, а четите на Стојчев, Џонев и Димитров го собираат оружјето од турските села и го вооружуваат бугарското население. Четата на Димитров е во првите борбени редови во борбите кај Обедник, Облаково, Снегово и Битола.

Во текот на март 1914. година новите српски власти го апсат и затвораат во Битола.)

Не знам кој е авторот на белешкава за Ставре војвода, не Ставри (претпоставувам на некој негов потомок-мој роднина во Софија, Бугарија). Додавам нешто што е можеби свесно премолчено, а јас го знам од кажувањата на татко ми:

Во текот на Втората свеста војна Ставре е фатен во околината на Крушево и е убиен од партизаните како бугарски шпион.

Татко ми Наум, починат, Македонец, бил првоборец, учесник во НОБ во Втората светска војна. Се вклучил од самиот почеток на оруженото востание, како скоевец ѝ се придружил на една од првите групи кои заминале „во планина“ по нападот на бугарската полициска станица-участокот во Прилеп, на 11. октомври 1941. година. Крајот на војната го дочекал во Белград, како офицер на поранешната ЈНА и еден од раководителите на логор со заробени Германци.

Се пензионира како офицер-потполковник на ЈНА, во гарнизонот во Тетово, Македонија.

Мајка ми Милосава, почината, беше Србинка, родена во Белград, од старото и разгранато белградско семејство Петровиќ. Се запознала со татко ми во Белград, каде што се венчале.

Во 1949. година во Белград, Србија, е родена сестра ми Слободанка, Македонка. Почина во 2020. во Скопје од пандемискиот вирус Ковид-19.

Јас сум роден во Скопје во 1951. година (мајка ми и татко ми се преселиле од Белград една година пред тоа, а веднаш потоа татко ми заминал на дошколување во офицерска школа во Сараево; ме видел дури шест месеци по раѓањето).

Брат ми Драган се роди во 1956. година во Тетово, Македонец, а почина од рак мошне млад-имаше само 46 години.

Во „контекстов“ е и мојот мошне хармоничен брак со Гордана која е Србинка, родена во Лесковац, а наша рожба е синот единец Горан.

(Многу од наведеново е раскажано и „обработено“ во мои прозни и поетски дела.)

Се „враќам“ во сегашнината:

Јас сум Македонец, книжевник и мислител од Македонија. Не Северномакедонец односно „Македонец/Граѓанин на Северна Македонија“. Му припаѓам на македонскиот народ кој со велепредавничкиот договор со Грција во Северна Македонија е разнебитен, збришан (заедно со малцинствата во соседните држави).

Кому, како на човек во години-во седмата деценија не му преростанува друго освен со своето дело и мисла да го брани од уништување/исчезнување македонството во себе и пред светот. До последен ден и свесност.

Leave the first comment