23. Од непорочна љубов
Тргам од непорочна љубов
по моја врвица кон мојот,
кон твојот и кон нашиот врв;
која
не е наспоредна со твојата,
туку и твоја како сè уште
неодгатната
за живот плодороден.
И таа и таа се на виделина
зашто во подножјево
сал скаменети срца време
на вековити опстојби
изнаредило како скалила
што завршуваат некаде,
којзнае каде.
Од непорочна љубов тргам
по моја врвица,
а црнинава ќе ја соблечам
кога врвот
заедно ќе го догледаме прв
меѓу месечеви залези
и сончеви изгреви.