Иако до крајот на годинава во државите на Европската унија, Австралија и Калифорнија ќе биде невозможно во продавниците да се купат класични сијалици, зашто ќе бидат заменети со штедливи, судејќи според најнови научни сознанија тие воопшто не треба да се користат. Затоа што се опасни по човековото здравје!
Најнапред:
Дали и колку ваквите сијалици се навистина штедливи? Еднакво важно: дали помалку ја загадуваат околината и кој е нивниот еколошки ефект?
На пример, додека за производство на класична сијалица се потребни само стакло, лим, бакар, калај и волфрам, со напомена дека сето тоа е нетоксично и лесно за рециклажа, за производство на компакт- флуо сијалиците се потребни стакло, лим, бакар, калај, жива, олово, антимон, бариум, арсен, итриум, соединенија на фосфор, цинк-берилиум-силикат, кадмиум-бромид, соединенија на ванадиум, ториум и пластика.
Што велат стручњаците?
Јачината на светлината не е баш толку драстично поголема со флуо сијалиците, зашто, иако на кутијата пишува дека на пр. 11W=60W, во стварноста 11W компактно флуо сијалица е570-610 lм, додека 60W класична сијалица е 710 lм. Разликата во јачината на светлината на „еквивалентните“ сијалици е само 15-20%.
Натаму:
Што да се преземе кога компактната флуо сијалица ќе се искрши во стан (не е истакнато на фабричките пакувања)?
„Да се отвори прозорец и да се напушти просторијата. Да се проветрува 15 минути. Да се соберат стаклените остатоци од сијалицата со користење на крута хартија или картон (НЕ со голи раце бидејќи живата продира низ кожата). Со леплива лента да се соберат малите фрагменти од стакло. Подот да се избрише со влажна хартија или крпа. Доколку преостанатите остатоци се соберат со правосмукалка, кесата по чистењето треба да се извади. Сите предмети употребени за чистење, како и кесата од правосмукалката, треба да се одложат во пластична кеса и добро да се затворат. Облеката или постелнината на кои паднале делови од сијалицата повеќе не треба да се употребуваат, туку треба да се фрлат“, се вели во упатството на Агенцијата за заштита на животната средина на САД (“U.S. Enviromental Protection Agency”) за одложување на скршени компактни флуо сијалици.
Компактните флуо сијалици не се подобни за користење во светилки со лошпа вентилација, а тоа се вградените, надградените затворени- плафоњерките, ѕидните светилки и сл., како и некои полуотворени светилки, и тоа поради чувствителноста на интегрираната електроника на високи температури. Практичната страна на замена исто така не е едноставна, зашто компакт-флуо сијалиците достигнуваат максимален светлосен флукс 30-60 секунди по палењето, што на пример може да биде иритирачко при кратки престојувања во простории.
Од друга страна, квалитетот на светлината на класичните, инкадесцентните сијалици е супериорен во однос на сите останати вештачки извори на светлина. Причината за тоа лежи во континуалниот спектар, кој светлината на инкадецентните извори ја прави најприближна на сончевата светлина на која човечкото око е адаптирано во текот на милиони години еволуција. Неконтинуалноста на спектарот на компактните флуо извори има за последица неможност од разликување на пофини нијанси на бои.
Работниот век на сијалиците е под знак прашање. Имено, декларираниот работен век на овие сијалици (при 50% откази) е реален само во идеални услови кои се: 2,7 часа работа дневно, циклуси од 60 минути работа и 90 минути исклучувања, сијалицата работи во идеални услови (надвор од светилка) итн. Во стварноста, повеќе од 50% компактни флуо сијалици на реномирани брендови откажуваат пред истекот на декларираниот број на работни часови, а кај сијалицата на поевтините брендови работниот век е уште пократок (во практиката сенасе 2-3.000 часа). Се разбира, честите палења и гаснења на поевтините компактни флуо сијалици значително го скратуваат нивниот работен век, а го скратува и нивната инсталација, како на поевтините исто така и на реномираните производители во слабо вентилирани светилки.
Трошоците за рециклажа на едни компактни флуо сијалици се движат, според различни извори, од 0,30 до 1,00 евро, па не е економски исплатлива и се врши само со цел безбедно одлагање на живата. Во повеќето земји во светот не е реално да се очекува рециклирање на компактни флуо сијалици во скорешна иднина, па живата од сијалиците ќе завршува на депониите за смет, а оттаму во подземните води, речните текови и, на крајот, во синџирот на човечката исхрана.
Посебно се преупредува на живата што ја содржат флуо сијалиците. Таа е исклучително токсичен елемент, а технолошки неизбежна состојка. Се наоѓа во количества до (дозволени) 5 мг. Квалитетните сијалици на реномираните производители содржат помалку жива (1-2 мг), но тие се значително поскапи. Реалност е дека повеќето потрошувачи, принудени да купуваат компакт- флуо сијалици поради забраната на класични сијалици, ќе се одлучуваат за поевтините варијанти- со поголема содржина на жива. Аргументот на поборниците на компакт-флуо сијалиците дека со употребата на класичните сијалици во атмосферата се ослободува повеќе жива отколку што содржи „еквивалентната“ компакт-флуо сијалица не е релевантен, зашто со согорувањето на јагленот во термоелектраните се ослободува елементарна жива. Живата од флуо сијалиците завршува на депониите за смет, каде што со микробактериски процеси во метанската средина се соединува во метил-жива, многу потоксична од елементарната жива, и тоа од 100 до дури 1.000 пати. Монометил-живата од депониите, претежно преку подземните води, влегува во екосистемот и потоа во човечкиот синџир на исхрана.
Може да се каже дека против масовната примена на штедливи сијалици засега се само одделни здравствени стручњаци и еколози, но по најновото откритие- дека во некои случаи се предизвикувачи на тешки болести…
Дознавме и:
Стручњаци на берлинската лабораторија „Алаб“ утврдиле дека овие сијалици, кога се запалени, ги испуштаат канцерогените хемикалии фенол, нафтален и стирен!
„Околу тие сијалици се создава електричен облак и не би требало да се користат во затворени простори, а дефинитивно не близу до главата“, предупредува Андреас Кирхнер од „Федерацијата на германските инженери“.
До слични резултати дошле и израелските истражувачи од Универзитетот во Хаифи, кои велат дека овие сијалици можат, ако се користат долго, да предизвикаат рак на дојка.
Предупредуваат и дека таа светлина премногу ја имитира дневната светлина, па организмот не создава доволно мелатонин.
The Migraine Action Association истакнува дека штедливите сијалици можат да доведат до мигрена, а дерматолошки здруженија тврдат дека можат да доведат и до дерматолошки проблеми.
Ставот на Европската комисија е дека нема опасност од тие сијалици во врска со електромагнетните и ултравиолетовите зрачења. Таа постои од живата ако сијалицата се искрши.
Сепак, независниот француски истражувачки центар CRIIREM предупредува дека поради електромагнетното зрачење штедливите сијалици не треба да се користат на оддалеченост помала од 1 метар, на пр. како ноќна ламба покрај креветот, потоа да се користат само во простории со вентилација и да не се користат во бања и други влажни простории оти можат брзо да прегорат.