Можеби насловов на овој прилог не треба да заврши со прашалник, туку со точка (рамнодушно) или со еден извичник(зачудено), односно со два или три (револтирано). Ако прифаќам „можеби“, тогаш ми се чини дека најсоодветни би биле точка и запирка, по што би следеле додатни или алтернативни наслови.
Кои? На пример: „Зошто да биде јасно и рационално кога може да биде замаглено и апсурдно?“; „Зошто да биде современо и брзо, кога може да биде (при)просто и бавно?“ (алтернативно: „Кај си запнал? Ако ти се брза, оди кај брзите!“; „Зошто да биде лесно и евтино, кога може да биде тешко- мачно и скапо, ма најскапо?“; „Зошто да биде учено, кога може да биде неначуено и со текот на времето да се (под)научи?“; „Зошто да биде стручно и компетентно кога може да биде (само) рамковно?“.
Сакате уште? Мислам дека ќе (ви) биде доволно уште ова (со точка на крајот): Зошто да биде европско, кога може да биде западнобалканско.
Мислам дека ви е се јасно во врска со темава што ја поставувам и сакам во кроки потези да ја промислам. Не ви треба тоа од мене? Ама судејќи според се досегашно и се сегашно (без исклучок), не им се доволни на оние кои треба да одговорат, да одговараат (за досегашното и сегашното) и да работат- дејствуваат. Значи, редовите што следуваат им се повеќе наменети ним (вам ви се наменети само како почетни за да продолжите во зависност од расположбата, знаењето и личната определба), со мала и скромна, скриена надеж дека, ако ништо друго, за почеток ќе се прашаат:
Навистина зошто?
Најнапред, едно додатно прашање на кое имам кус и дециден одговор:
Зошто најчесто прашуваме зошто ( како во мојов наслов и понудените алтернативи)?
Одговорот е:
Затоа што нема затоа од оние што ги прашуваме зошто. Кои се тие? За разлика од многумина кои мислат дека тие се оние од власта, јас мислам дека се други: оние зад власта. А кај нив, пак, воопшто не „игра“ прашањето „Зошто?“, туку „Како?“, со одговор: „Само вака и никако поинаку“, односно како што само ним им одговара, а не, на пример, на сите нас. Јас мислам дека проблемот со нив го имаме поради едно друго прашање, кое никако да почнеме да го поставуваме што почесто јавно. Можеби затоа што може да се случи да ни го прогласат за едно од оние кои не заслужуваат одговори, па молчењето (или стравот) да го поставуваме да ни го третираат како „правилно“, „демократско“, „проевропско“.
Прашањето гласи:
До кога?
Да резимирам:
Проблемот со „Зошто вака кога може- треба онака?“ ги актуализира основните, клучните, егзистенцијалните прашања за нас во нашава сегашност и иднина сосе минатото: „Зошто, како, до кога?“
Фалат уште две за „комплет“, кои не се иницираат, ниту се поставуваат бидејќи не бараат никаков одговор (можеби затоа што тој ништо никому не му значи):
„Од- до каде?“ и (уште) „Колку?“
Во овој мој прилог сепак ќе се задржам само на насловот:
Зошто да биде едноставо, кога може да биде комплицирано?
Во изминатиов транзиционо- реформски период се, ама баш се толку ни искомплицираа ( оние зад власта со помош на оние во), што се плашам дека и самите станавме многу комплицирани, та ниту ние, ниту некој друг, на пример меѓународниот „фактор“, може да не поедностави. Не толку како луѓе, граѓани на оваа држава, колку како нејзини припадници.