ВРВИЦА ДО ВРВ, На врвица, поетска инсталација

Потребно време за читање: < 1 минута

8. Гола песна

Се разголела песнава
до гола кожа и коски,
без зборови,
а сал букви и слогови
како извици, крици
и лелеци
кои никако не можам
да ги соберам во ред
можеби логичен.

Напати ми изгледа
како некој да се обидел
да ја испее во немост
безгранична,
а напати ја слушам
како веќе испеана
пред нечиј замин.

Признавам дека
разголена воопшто
не ми се допаѓа,
особено оти таква
ми е како од човек
кој не успеал
да достои исправен
пред пајакова мрежа
во простор докрај
разнебитен.

Се мислам
дали да ја заборавам
гола,
да им ја препуштам
на оние што не знаат
како е да си без збор
во зборови
со значење и живост,
или да се обидам
да им ја испеам таква
на незнајни ближни
пред мојот последен
издив.

Leave the first comment