29. Внимание пред безвреден
Стоиш пред него и се мислиш
што може да се случи со тебе
далеку затворен во себеси
за да му бидеш недостижен.
Помислуваш,
ако му плукнеш в лице
може нема ни да забележи
колку ти е мачно што е близу
до тебе.
Помислуваш,
а може сосем рамнодушно
да ја избрише плунката
со ракавот на кошулата
од секакви валканици
секидневни.
Тоа ќе биде несомнено
негова победа.
Веќе си сигурен
дека ќе се сепне
ако му плукнеш
во шаките во тупаници;
ќе распалиш оган
во неговата снага
и во неговите зборови.
Сигурно потоа
ќе ги стисне повеќе,
па ќе ги исчисти
со топла вода
отворените рани од удари
в коски нескршливи;
сетне ќе ги покрие
со неслушнати крици
срдити.
Е, тоа ќе биде несомнено
твоја последна,
твоја конечна победа.