13. Недоречено
Како да е од мене
многу повторено
и многу повторливо
оти е недоречено
во бесмртен простор
сосе безимено време.
Мене ми е тоа в ред,
без оглед што е
всушност како да е,
а никогаш и никаде
не е.
Зашто ниту силен,
ниту обессилен
не можеш сосем
да ме искорениш
ти, одмолчен
од зраците сончеви
во моиве зеници.
Наслушнувам гласови
во безднава пред мене.
Иако се сè потивки,
препознавам секој
одделно.
Тоа се гласови
на новородени семиња
оставени сами во неа,
одродени;
едни никнати,
други пред никнување,
едни мртви,
други пред умирање.
Се сомневам,
ама морам мигум
да ја прелетам
зашто спротива
препознавам оган
од мене многупати
повторен,
повторлив, недоречен
во бесмртен простор
сосе безимено време.
Одамна знам
дека и по мене
нема да угасне,
за да не угасне
околу оние и во оние
што летаат со мене
од еден хоризонт
до друг.