54. Во исчекување
Незнаен глас ми порачува
да здивнам, да одморам
пред да се вратам во
каменит предел
на едно дамнешно минато
што им го оставив
на моите потомци
за во нивно време
да им стане питомина;
дека ќе бидат обградени
од сите страни
со сеопшт молк и заборав.
Решив да се вратам
во каменитиот предел
по безбројни, безмерни,
бесцелни скитања
колку поблизу,
толку подалеку
од небесните тела
кои ме дружеа од раѓање
и ми ја ведреа свеста
со своите светлини
кога ми премалуваше
крвта.
Се враќам
во каменитиот предел
со верба дека ќе ги најдам
моите потомци,
та во мое и во нивно време
да ни стане питомина
која ќе ги надмине,
ќе ги порази
молкот и заборавот
за никогаш повеќе
да не можат ниеден живот
надежен и спокоен
да обградат од сите страни.