140. Порака
Да си жив и здрав
кога ќе почнат
нова песна на утрина
оние што не ги знаат
или ги заборавиле
старите.
Да не ти се случи
жив нездрав
да те најдат
во постела
оти нема да те кријат
и нема да те земат
со себе
кога ќе тргнат назад
оние што не сакаат
напред
и можат без други.
Да не бидеш
здрав и нежив,
па ко сенка
да те мислат
меѓу
темнина и светлина,
меѓу
удолнина и горнина
оние со свое време
и минато и идно
што го делат со други
само ако почне
стварноста
да ги навјасува,
да ги надвладува,
да навалува врз нив.
Да не ти се случи
нездрав и нежив,
та никој со тебе
низ беспаќа нови
во тебе
да нема надежен,
макар премален
на цел догледна,
а недостижна.
Да си здрав и жив,
прав и убав,
умен и разумен,
и топол и студен,
и на сон буден.