ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Потребно време за читање: 2 минути

Настан IX

Име надежно ѝ се радуваше на вечерашната средба со Илина Каранфилова, колешката и најблиска пријателка во „Просторно планирање“. Во последниве месеци стануваа сѐ поблиски, меѓусебно се откриваа и сѐ повеќе не можеа еден без друг.

Љубов? За Име секако, но таа за неа сѐ уште не зборува отворено иако си ја признава на себеси. Не е баш сигурна дека тој средбата ја закажал и испланирал за да ѝ говори за неа и ѝ признае дека ја љуби. Се надеваше? Ма не е прашање признавањето. Искреноста помеѓу нив е веќе без никаква воздршка, туку дали таа ќе значи почеток на ново поглавје во нивната близост и интимност. Го посакува тоа, нејзините неколку претходни љубови веќе ги збришала, во нејзиното паметење и чувствување нема ни најмала ни најбледа трага од нив. Но, едновремено просто се плаши пријателството со него, какво што не било ниедно толку длабоко, толку споделувачко, да не се престори во однос на споделување, исполнување на меѓусебни обврски, од ежедневни до интимни, во доверба условена од расположби, тежнини, леснини, од други, од трети, од споредни и епизодни настани и доживувања. Во секој случај, Илина се радуваше на вечерашната средба со притаени очекувања и исчекувања.

Убавината на Илина за Име е неприкосновена. Единствено не може, ниту помислува да ја споредува со на неговата непреболна Роса. Висока речиси колку него, стројно тело, нежна, секогаш елегантно облечена, со фини манири, благородна. А пред и над сѐ со беспрекорна логика, продлабочено и критичко промислување.

Вечер со неа во прилично интимна атмосфера-со запалени свеќи, среде масата букет црвени рози во вазна од порцелан; во сепаре во ресторанот „Црвена роза“.

Име:

-Денеска бев во Музејот на љубовта. Се дружев со големите љубови во далечното и блиско минато на Костечани. Многу е интересно. Треба да го посетиме заедно.

Илина:

-Интересно. Беше со намера или?

Име:

-Ако речам случајно, нема да поверуваш…Мислев на тебе и на нас…Да е и нашата меѓу нив.

Илина изненадена:

-Молам?!…Што ти значи тоа?

Име:

-Илина, не сакам да заобиколувам или да навестувам. Знам дека претпоставуваш, очекуваш, а мислам дека сме доволно заедно и блиски. Знаеш многу за мене, мислам и јас за тебе. А тоа што го чувствувам за тебе е љубов…Сакам да сме заедно секогаш.

Илина со топла насмевка и втренчен поглед во него:

-Љубов, ах љубов…Многу си ми мил, Корен, и немам што да докажувам…Сигурна сум дека можеме заедно постојано…Чувства љубовни.

Ја зеде нејзината рака во својата, ја бакна, а таа со стишан глас, речиси шепот:

-Утре ќе одиме заедно во Музејот на љубовта.

Излегоа од ресторанот гушнати, вљубени, бакнувајќи се.

Leave the first comment