Потребно време за читање: 2 минути

Настан VIII

Име стана познат, може да се рече и славен архитект откако по двегодишно макотрпно редење на делкани камења во редови, што ги носеше од каменоломот длабоко во Боровата шума, го извиши бедемот до небо на крајот од слепата улица, пред и зад неговото подземно живеалиште, на самиот раб од бездната што го делеше Костец од градот Сивота. Но и како идеен творец на централниот плоштад и предводник на тимот од архитектонското студио „Просторно проектирање“ кој го реализираше неколку години, а беше свечено предаден во употреба синоќа.

Восхитот од високиот бедем Костечани го изразуваа секогаш кога играа со него игра на запознавање како секакви птици кои штотуку прелетале бездна и слетале на него со уморени крилја. Особено кога кротеа ветриште како да се бранат од грабливи птици и им се спротивставуваат на луѓе кои се обидуваат да ги поразат, па да ги потчинат на себеси, да станат сосем зависни од нив. Неговото разбирање на централниот плоштад, пак, за Костечани е бескомпромисен: тој е простор на искажан живот во минатото и денес, со белези, стилови и траги на времиња кои траат наспоредно и едновремено меѓусебно ги надополнуваат своите содржини-со камени, мраморни, железни и бронзени споменици, спомен-обележја, скулптури, отворени изложбени простори и салони, културно-историски и забавни зданија, одморалишта, шеталишта, кафулиња, кафетерии, клубови, трговски центри, фонтани и дрвореди.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА X

Име седна на клупа од ковано црно железо пред Фонтаната на звуци и бои, до Верна направена од бела испреплетена жица како заробена во пајажина. Жива? За него да. Ја прашува:

-Ти се допаѓа плоштадов? Знам дека ти се допаѓа, па затоа и те направив на клупава пред фонтанава. За секој како мене да може да поразговара со тебе за што било. Те направив како што те запомнив по двете наши средби крај Камената река-средовечна, седокоса, со ведра насмевка, убаво лице со модри подочници, искривен нос, мала црна брадавица на левиот образ и две длабоки брчки на челото.

Верна:

-Дз, ми се допаѓа прво затоа што е сѐ наместо и со богата содржина…Разбирам зошто си ме направил на клупава. Тој што седи на неа или да молчи заедно со мене или макар час-два да не биде осамен зборувајќи сам со себе…Јас не заборавам на договореното, да се сретнеме на Мостот на великите.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА X

Име:

-И јас…Драго ми е оти се препознаваш на скулптурава што те претставува. Немам објаснение зошто баш ти. Можеби ме поттикнало доживувањето на почетокот од моето запознавање на Костец. Со самоувереност дека штом заодев, секако ќе доодам.

Верна:

-А зошто средбава?

Име:

-Сакав да те видам на плоштадов, да поседам на клупава со тебе и да споделам нешто важно што ми се случи пред неколку ноќи…Во моето подземно живеалиште на сон дојдоа татко ми Стојмир, мајка ми Милица, моите Роса, Смирна и Трајан. Сите живи, здрави, весели. Ми открија зошто. Среќни се дека узнале за мојата решеност да го продолжам животот со нова љубов.

Верна:

-Се радувам и јас. Време е. Тие ќе продолжат со тебе во тебе, во твојата неизмерна жал за нив и во твоите спомени. Веќе ја имаш новата љубов?

Име:

-Мислам дека ја почнав. Вечерва ќе бидам со неа. Се вика Илина Каранфилова, колешка и најблиска пријателка во „Просторно планирање“. Сѐ повеќе не можеме еден без друг.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА X

Му се насмевна. Ѝ се насмевна, стана, ја поздрави со ставање на неговата лева дланка на градите, на срцето, па се упати кон Музејот на љубовта за да се подружи со големите љубови во далечното и блиско минато на Костечани.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here