ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Потребно време за читање: 2 минути

Доживување VII

Во Костец сите до еден, младо и старо, големо и мало, имашно и сиромашно, сите живеат во одамна постигната и грижливо чувана рамнотежа помеѓу личното и заедничкото време. Може да му се случи некому едното да му претегне над другото, со цел или одненадеж, ама со упоритост и припомош од блиски успева пак да ја воспостави. Како што му се случи на Име по сообраќајната несреќа, со припомош од Билјан Руменоски кој е до ден-денес со него. Ја воспостави? Не баш. Веќе не во секоја ноќ и во секаков сон, ама сѐ уште во понекоја и понекој му доаѓа Роса. Притоа, сѐ помалку со нејзино прекорување и негово самообвинување, а сѐ повеќе заедничко спокојно навраќање на незаборавни настани и моменти од нивната заедничка живеачка.

Во оваа ноќ, во забавен сон заедно со нивни одамна мртви и живи ближни:

-Росо моја, вака не ќе можеме уште долго. Мораме што поскоро да воспоставиме рамнотежа помеѓу нашите лични времиња и нашето заедничко. Твоето Јас сѐ помалку можам да го следам, чувствувам дека и ти моето зашто сѐ повеќе им ги препуштаме на заборавот. Нашето заедничко, пак, сѐ повеќе го трошиме на спомени за поминот што го имавме до кобниот ден. А и Смирна и Трајан како сѐ повеќе да се оддалечуваат од нас. Заминуваат во свои светови.

Роса:

-Нека биде така. И јас чувствувам дека ни фали рамнотежа…Ама мислам дека е предоцна. Мислам дека е тоа невозможно. Јас сум веќе обессилена, а те гледам како и ти забрзано премалуваш. Мислам дека е време твојот живот да надвладее во стварноста.

На паузата за појадок заедно со Билјан. Тој:

-Име, ја прочита „Простор и време“? Не? И не планираш да го сториш тоа скоро?!…В ред, веќе не мислам дека може да ти помогне….Се согласувам со твојата Роса. Време е животот да надвладее во твојата стварност.

Корен Стаменоски се радува на вечерашната средба со колешката и најблиска пријателка во „Просторно планирање“, Илина Каранфилова. Сѐ уште не се ни прашува дали се раѓа љубов помеѓу нив откога и таа почна да живее самотно, но веќе си признаа меѓусебно дека сѐ повеќе време не можат еден без друг.

Leave the first comment