НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Потребно време за читање: < 1 минута

34. Кобен дожд

Од кај почна да истура
баш во овој момент,
ваков јас излезен
гол надвор на улица
поради огнот што
ми го гори срцево,
а и умот, а и свеста;
тој да навали
врз мојава глава,
та да се соберат на неа
трње и празни зборови
од којзнае каде
собрани во облак.

Мислев да му посакам
добредојде
пред да се истури
во ноќва
со луѓе врзани
со дебело јаже,
во јазол од грижи
и сомнежи;
мислев дека ќе биде
пријатен
ту топол, ту студен.

Го следев како
го прескокнува ѕидот
од големи и дебели карпи
помеѓу мене
и твојата страст,
со изгубен воздух
одвреме-навреме,
и како истура многу очи
собрани од којзнае колку
ослепени во молк,
тие како ми влегуваат
во крвта,
како ми ги кршат коските.

Навалил врз мојава глава,
а таму далеку
на хоризонтот
ги крева нашите градби
за до утре од нозе,
пред проодување,
до старо чело набрчкано
од мудрости;
истура та истура,
без престан како песна
на преселни птици.

Еве веќе полноќ некоја
од нашите заедно
дочекани будни.
Еве веќе запира
нашето траење
спроти минливоста.

Само да ми е да дознам
од кај почна да истура
баш во овој момент,
ваков јас излезен
гол надвор, на улица
поради огнот што
ми го гори срцево,
а и умот, а и свеста;
дали само ќе мине
како да не бил,
дали само ќе нѐ одмине
како да бевме

река исчистена
од жалости и страд.

Leave the first comment