СТИХУВАНИ БЕСЕДЕЊА, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

2. Живеачка

Градевме заедно,
сите ближни
куќа една
од камен, глина
и дрво,
со одаи за секој;
во спокој, грижи,
радости и паметење.

Во едно друго време
пак градевме заедно
со сите наши предци
и потомци
куќа една;
кои ги бранеле
своите корени
од соголување,
од исушување,
и кои упорито
го продолжуваат
нивното вкоренување.

Соградивме уште
две куќи;
едната камена,
другата подземна.
Двете за живеачка
од раѓања до смрти.
Во нив се родија,
растеа, стаменуваа,
зрееја, презрејуваа,
снеможеа и умреа
многу знајни,
многу незнајни
и неколцина со дела
изразити.

Од сите со години
приградувани
и доградувани,
по години остана
каква што беше
од темел до покрив
само подземната.

Понекогаш,
особено кога сме
самотни и пред заборав,
се збираме во неа
од близу и од далеку
да согледаме до кај ни е
живеачката
и уште колкумина
исчезнале без трага
во ниедно време.

Не му дозволуваме
никому
да ја сосипе таа наша
последна.

Leave the first comment