Momentum III
Сцената непроменета.
Глас 2
Носевме долги кошули. И чевли и чорапи. Прво чевлите, па чорапите, за да бидеме единствени барем на почетокот. А кошулите, под нив ништо. Голи. Тоа од сликите. Лицата модри.
Глас 4
Разликата е во мигот нели. Веројатно имало и љубов и храна. Имало и човек, се разбира. Кој долго гледал во нас како да сме диви животни во крв. Од ноктите му растеле ножови и змии. Спектар.
Глас 6
Планините се далеку и не се обидуваме да ги откриеме внатре. Можеби имаат уште некој знак за смртта на големите народи. Тие оставиле изоден пат, од Андите до Стоби.
Глас 8
Го најдовме градов и не е чесно, поради публиката која очекува драматизација и кулминација, да бараме природа. Сѐ уште не ја раскажуваме врелата вода, а ни песната со топка и очила во стиховите.
Глас 4
Да легнеме на подот, да се превртуваме извесно време како во грч, а потоа да станеме. Ќе претпоставиме дека има прозорец што треба да го затвориме оти не смеат да нѐ толкуваат.
Глас 2
Само тоа?
Глас 6
И да не сме асемични.
Трите стари кошули
мајка ми што ги замени
за нов лонец во кој сега
готви исти јадења.
Да нѐ чекаат на маса откако
ги соблекуваме чевлите
и чорапитe.
Обично маската ја кажувам
кога ќе наредам лица.
Ќе застанам пред нив и посакувам
да ги премачкам со црвена земја
како да умреле во запустен град.
Ќе се јави и почнува
да се облекува:
прво дебел шал околу вратот,
оти паѓа водата, а не престанува
да тече низ пустелии,
па да истекува во бездна;
потоа шапката на глава
за косата да не ѝ настине;
и палтото
додека телото не ти легнало
во мене
за да те гледам и страсно
да те голтам.
Грижи ти ја собрале силата.
Сѐ околу нас е фрлено:
и собава како топка
и очилава на подот.
Ако ја отвориш вратата,
можеби ќе го превртиш
лонецот со врела вода
и ете неволја.
Ако се обидеш прозорецот,
веројатно ќе ти падне од раце,
та срчите ќе му го пресечат
вратот на минувачот
кој не нѐ познавал досега,
а излегол да чекори
подолго поради срцето.
Обично сите тие немири
ќе исчезнат наеднаш
откога ќе оставиш други
да ги видат лицата.
Само маската гола
да не настине кога паѓа
водата во бездна.
Само да ти легне телото
во мене
додека те самувам,
додека стоиш спроти мене
гола, нȇма, огнена,
извесна, неизвесна,
постојана и замислена.