МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

55. Сосем сам

-Ти си сосем сам?-го прашувам.

-Да,-ми одговара.

-Од одамна?

Потврдува кимајќи со главата.

-Никој со тебе, крај тебе, до тебе?-го прашувам зачудено.

Одговара со рамнодушна насмевка и со дигање на рамената.

-Сосем сам и дење и ноќе?

-Да,-одговара со бистар поглед.

-И дните ти се долги, та предолги, а од ноќните часови многу бессони дури при премаленост?-продолжувам.

-Да, да,-и ги шири рацете дорекувајќи „А што да се прави“.

-Немаш никој свој?

-Не,-ми одговара потврдно отсечно.

-Ни сосед да ти дојде колку да зборне некој збор со тебе?

Кима со главата и се обидува да ми го одбегне погледот.

-Со денови не прозборуваш ни збор?

-Да.

-Па како можеш?!-му се чудам.

Ги дига рамењата одговарајќи ми со прашање „А што можам?“

-Не зборуваш ни сам со себе? Макар затворен во куќаркава, во четири ѕида?

-Не,-потврдува.

-Значи, си му се препуштил на молкот,-заклучувам поразувачки.

-Не!-одрекува решително.

-Како не?-го прашувам збунето.

-Така. Молкот не ми може баш ништо. Јас по цел ден разговарам со природава што ме опкружува. Со дрвјава, тревите и билките, бубалките, птиците, животинките…Одвреме-навреме и со такви како тебе. Што ми бараат да ги водам низ неа.

Ме прегрнува. Тргаме по затревената врвица, кон планинскиот врв до небо.

Leave the first comment