115. Согледав
Минав помеѓу
една и друга стварност,
па поминав
од една во друга заумност.
А дури на распаќево
согледав
дека времето сегашно
ни минало несетно,
та сме почнале
да исчезнуваме.
Заедно да сме додека е
секој самобитен.
Во меѓувреме престанавме
да се извишуваме
кон сѐ уште од никого
искачени врвови;
совреме заедно
ги согледавме
како ни се доближуваат,
па ни се оддалечуваат
во игра судбинска
оти не сме, ниту ќе бидеме
некогаш
дораснати за нив.
Согледав, а најважно е
да согледаме дека
на распаќево мораме
да останеме будни
сѐ до раѓањето
на нов живот во нас.