47. Расположби
Една Госпоѓа:
Таа стои на брегот на матната река, на местото каде што се влева во езерото. Ја гледа молкома и се прашува зошто е матна. Зарем оние што ја матат не помислуваат дека со неа го матат езерото загрозувајќи го животот на ендемскиот свет во него? Како не разбираат дека светот со неа го губи него?
Едно момче:
Тоа се искачило на врвот на ридот над градот, се свртело кон изгрејсонцето, се исправило и ги раширило рацете и нозете. Дише спокојно. Му иде да запее некоја народна, комитска. Се загледува во белото облаче што како да иде кон него. Се свртува кон патеката што ја мина и здогледува група момци и девојки како бавно му се доближуваат. Се радува оти скоро на врвот на ридот нема да биде сам.
Човек во години:
Тој е сам на плоштадот. Нема никој друг. Седи на клупа во сенка на млад полски брест. Се одмора по прошетката низ спомениците на револуционери и херои од минатото, по поздравувањето со нив. Во детали ги познава нивните дела и херојства, но нема кому да му ги раскажува. Дури ни ближни млади и возрасни не сакаат да го слушаат. Штом ќе почне за некој од нив, тие го пресекуваат со прекорен поглед, со рамнодушност или со грубо одбивање дека е здодевен.
Млади маж и жена со дете пред нив кое штотуку проодело:
Во паркот нема многу како нив. Тие одамна забележале дека од ден на ден ги има сѐ помалку. Очигледно е дека во градот или не се обновува, не се подмладува животот или, пак, тој опустошува сѐ позабрзано со иселување на млади и возрасни. Тие се сигурни дека е и едното и другото. Нивните лица се озаруваат штом ќе се погледнат меѓусебно и одвреме-навреме ќе го пуштат детето да направи неколку чекори само, притоа внимавајќи да не падне. Речиси не зборуваат. Излегле во паркот да прошетаат, да подишат чист воздух оставајќи ги зборовите дома.