109. Почит и незаборав
Нужно е да се потенцира дека од исклучително значење за опстанокот на прострелчани се почитта кон создадените вредности и незаборавот на нивните творци. За опстанокот?! Да! Тие биле тоа, се и ќе бидат за секој човек, човечка заедница, народ, цивилизација, општество, држава. Се разбира, ако се има на ум бранувањето на животот предизвикано од секакви премрежија.
Кога е збор за минатото и сегашноста на Прострел, почитта не се искажува само со спомен-обележја, скулпторски дела, постојани изложби, постановки, секакви изданија, концерти, проекции, секидневни културни манифестации со разновидна содржина и уште многу друго, туку во најголема мера со живеачка со нив или во нив.
Незаборавот, пак, им е како огнот што тлее во домашно огниште. Кој не се распалува, ама не смее да угасне. Се пренесува од генерација на генерација како доказ за неизбришливо постоење. Жив е и животворен, во сегашност со непорекливо минато и предвидлива иднина. Што никогаш не се остава сам и запустен. Како кога од кои било причини мора да се напушти макар времено? Со сенки, знаци, звуци или гласови!
На Љуба ѝ е веќе совршено јасно дека почитта кон нејзиното дело и незаборавот кон неа како творец-сликар портретист ќе остане без првиот идентитетски аспект-нејзината самобитна сенка. Се збогува со неа како што им прилега на луѓето и нивните сенки. Меѓутоа, беспокојството во неа се шири и продлабочува наспоредно со сѐ поголемата обземеност од рамнодушноста. И од сознанието дека личноста, особено творечката не може ни да живурка без своја сенка.