116. Божествена
Горјан Мартиновски е млад, образован и начитан човек, познат во интелектуалните и уметничките кругови како мислечка личност со јасни, непорекливи ставови и со високи естетски критериуми. Од друга страна, многуте краткотрајни љубовни врски во женскиот свет, особено меѓу младите и средовечните мажени жени направија да биде посакуван од нив за флертови и краткотраен секс. Но, сите што го знаат добро и се често во друштво со него пред сѐ друго ја истакнуваат неговата красноречивост. Што, се разбира, најмногу се должи на неговата начитаност и слабоста спрема белетристиката.
Неодамна ми прикажа голема слабост, речиси немост. Спрема девојка дојдена во градот од блиско планинско село, запишана на студии по математика. Толку е силно вљубен во неа што не наоѓа зборови со кои најверно би ми ја опишал нејзината убавина:
„Не можеш да замислиш колку е убава, другар. Неверојатна природна убавина. Ведро и румено лице, стројна снага. Божествена!“.
Го прашав:
„Конечно се вљуби? Ќе потрае?“
Малку се подзамисли, па кусо одговори:
„Не знам. Со таква природна, божествена убавина тоа воопшто не е важно“.