37. Лице
Тоа лице што го сонам
и ми иде на јаве
ту насмеано ту нажалено,
раскажувајќи ми долго,
рамнодушно
за битките со безлични
од кои излегло живо,
сето изрането
но чисто, неуморено
на сонце, угреано.
Тоа лице
што ми иде на јаве
и го сонам
ту грижно ту спокојно,
докажувајќи ми немо,
со секакви траги,
записи, знаци крајпатни
дека е неизбришливо
постоењето
на живот вековит
помеѓу именувани
предели, коски,
игри на корени
во плодна земја,
под земја и над земја.
Тоа лице во мене
ту горешто ту мразно.