95. Кутра
Кутра Станка! На сите им е пред очи, а никој не ја ни погледнува. Никого не привлекува со својот изглед? Со време секому му стана обична, секидневна?
Кутра Станка! Ем сама ем осамена во градов, во улицава, во врволицава деноноќна. Откога ѝ умре Војне, единствената потпора по загинувањето во сообраќајка на нивниот деветнаесетгодишен син Павле, со никого не се дружи, со никого не прозборува ни збор-два. Зборува сама со себе, а кој ќе ја забележи притоа помислува дека си го губи умот.
Секогаш во црнина, од глава до петици, сѐ посвиткана, со празен поглед, набрчкано чело, седокоса. Онемена.
А паметат некои колку беше убава млада. Ѝ немаше рамна! Посакувана за дружба, за љубов, за колку може подолго заедничко време.
Кутра Станка! Сега има само четириесет и девет години.